Кризата се надминува со инвестиции – градежништвото со најголем раст

Македонската економија забрзано расте, а најголем удел во тоа има градежниот сектор кој последните години бележи најголем раст во однос на другите сектори. Во времето на економската криза, додека другите земји тонеа, нашата економија остана на површина и брзо почна да се издига, пишува Република.мк.

Големите економисти велат дека кризата најдобро се надминува со инвестиции, а токму тоа го практикуваше Владата која со инвестиции во градежништвото и во инфраструктурата успеа да ја исполни својата мисија да му помогне на бизнисот да ги преживее тешките денови. Резултатите беа повеќе од видливи, а најдобар илустратор е растот на БДП. Сѐ на сѐ, градежништвото има иднина, и тоа светла.

– Најголем раст во економијата има градежниот сектор. Последниот квартал приматот на носечка гранка во растот на БДП го презеде потрошувачкиот сектор, но и тоа се должи на експанзијата на градежништвото. Ние имаме вработено десетици илјади луѓе кои работат во овој сектор, а платите последниот период се зголемени. Пазарот ни наложува да ги коригираме платите со зголемување и да ги адаптираме кон пазарот. Тие пари се трошат, што, пак, ја зголемува потрошувачката. Градежништвото растеше досега, а негов раст се очекува и во иднина бидејќи програмата на партијата на власт за наредните четири години предвидува обемни инфраструктурни зафати, кои ќе овозможат натамошен раст и на градежниците и на БДП. Не знам дали ќе можеме да сработиме и 70 отсто од тоа што е планирано бидејќи се работи за оптимистички и обемни планови – вели за Република првиот човек на Градежната комора при Сојузот на стопанските комори и генерален директор на „Трансмет“, Сеад Кочан.

Според него, оваа гарнитура на власт создала и воспоставила правила на игра што не постоеле претходно.

– Воведен е систем на јавни набавки. Значи, сите имаат шанса да се појават на пазарот, да учествуваат на тендери, да добиваат проекти, да им покажат на инвеститорите и на јавноста колку и како можат да сработат. А, ако добро се изработи добиениот проект, секој ќе дознае за вас и ќе почнат да ве бараат. Преку јавните набавки се отвора шанса секој да се пласира на пазарот со квалитет и со чесност, а не со врски – вели Кочан.

Кочан смета дека градежништвото е во експанзија, па тоа бара целосна ангажираност од сите инволвирани во тој сектор, така што ретко која од градежните фирми планира да работи надвор од границите на државата.