Кризата во Украина го стегна „Гаспром“

Гаспром е подготвен да ја намали цената на гасот за европските потрошувачи. Во компанијата се плашат од новите меѓународни санкции и од засилена конкуренција на европскиот пазар. На Гаспром не му одговара да го изгуби својот дел од пазарот – за првпат по шест години корпорацијата забележа чиста загуба според кварталните резултати, пишува „Руска реч“.

Во вториот квартал од 2014 година Гаспром има остварено 7.5 милијарди рубли (207 милиони американски долари) чиста загуба – се вели во извештајот на компанијата според рускиот стандард за водење сметководство. Во целост, според резултатите за половина година чистата добивка на компанијата е намалена за 38%, односно изнесува 155 милијарди рубли (4.2 милијарди американски долари). Претходно Гаспром според рускиот стандард за водење сметководство последен пат има покажано загуба во 2008 година, кога погрешно ги оцени финансиските вложувања по паѓањето на берзата за време на финансиската криза. Сега клучна причина за падот е создавањето резерви според сомнителни долгови во износ од 179,3 милијарди рубли (околу 5.1 милијарди американски долари). Станува збор за долгот од страна на нафтената компанија „Нафтогас на Украина“ која го нема платено рускиот гас, кој ѝ бил испорачан во периодот за ноември-декември 2013 и за април-мај 2914 година.

Експертите забележуваат дека загубата, во основа, ќе влијае негативно врз исплатата на дивидендите. Но, одлуката за овие исплати обично се носи на крајот од годината, а тоа значи дека Гаспром има уште време да го надополни изгубеното. Изданието Комерсант, кое се повикува на изјавите на експертот Сергеј Вахрамеев од „Анкор инвест“, пишува дека во второто полугодие може да се очекува пораст на финансиските показатели на Гаспром, но монополот тешко дека ќе може да смета на враќањето на парите за испораките во Киев. Според пресметките на аналитичарот, поради падот на показателите во првото полугодие, дивидендите на Гаспром за 2014 година можат да се намалат за 10 отсто.