Крос ќе остане на Алианс Арена до 2015 година

Волкер Штрут, агентот на стандардниот првотимец во дресот на актуелниот светски и европски клупски шампион, Баерн Минхен, Тони Крос, потврди дека неговиот клиент најверојатно и во новата клупска сезона ќе го носи дресот на старо-новиот шампион на Германија.

“Во изминатите неколку месеци мојот клиент беше цел на секакви новинарски шпакулации. Јас и понатаму нема да ги коментирам тие новинарски текстови и прилози. Како што стојат работите во овој момент, јас можам да кажам дека Тони ќе остане во Минхен и ќе го носи дресот на Баерн Минхен и во новата клупска сезона. Мислам дека ќе го испочитува актуелниот договор кој му завршува на крајот од следната сезона”, изјави Штрут.

Англиските медиуми пак се убедени дека репрезентативецот на Германија ќе ја смени клупската средина за време на летниот преоден рок и ќе се пресели на Остовот каде најголем интерес за неговите услуги покажаа раководните лица на Манчестер Јунајтед, Челзи и Манчестер Сити.