Крушево, град на културата во 2014

По разгледувањето на апликациите пристигнати на Конкурсот за финансирање проект од национален интерес за манифестацијата „Град на културата во 2014 година” решено е дека Општина Крушево, со понудената програма, ги исполнува условите да биде престолнина на културата годинава.

Програмата содржи музички манифестации од сите жанрови, литературни читања, изложби на реномирани уметници, одбележување на значајни јубилеи  на личности и дела, театарски фестивал на млади актери, концерти на духовна музика и промоции. Во програмата ќе учествуваат уметници од сите генерации.

Крушево изобилува со просторни капацитети и локации за реализација на овие настани, што ќе придонесе за нивно заживување, целосна искористеност и афирмација. Програмата ќе биде реализирана во установите, на плоштадот во централното градско подрачје, на Крушевското Езеро, пред споменикот„ Илинден“ и ќе понуди културни настани во текот на целата година.