Македонија

Крвава тепачка во затворот Идризово

Крвава тепачка во затворот Идризово

Двајца затвореници кои издржуваат доживотна казна се учесници во денешната тепачка во затворот Идризово.

Во тепачка во затворот Идризово повреден е осуденикот Дино Диновски кој заврши во болница откако затвореникот од истиот оддел Андоновски Рубин го прободел со остар предмет.

Се уште не е позната причината за тепачката. Според првичните информации немало немири меѓу останатите затвореници од одделот за време и по инцидентот.

Дино Диновски е осуден на доживотна казна затвор поради убиството на скопјанката Сандра Китановска, додека кумановецот Рубин Андоновски издржува доживотна робја за убиство на негов сограѓанин, Горан Трајановски, пренесува Алфа.

32 осуденици на доживотна казна затвор во Македонија

Македонските судови, од самостојноста на земјава, па до месец јули минатата година изрекле вкупно 38 пресуди со казни доживотен затвор.

Триесет и две лица веќе ги одлежуваат казните, а останатите шест се однесуваат за случајот „Монструм“ кој заврши пред десетина дена, вели во изјава за Нетпрес директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гавриловска.

Таа додава дека Управата води само статистички бројки за тоа за кое кривично дело колку осудени лица има, а подеталните податоци можат да се добијат од казнено-поправните установи, каде лицата престојуваат.

„Во Македонија се изречени 32 доживотни казни затвор. Сега имаме и шест нови за случајот ’Монструм’, но тие сеуште не влегуваат во оваа бројка бидејќи имаат право на жалба. Сите осуденици, на кои им се изречени вакви казни, се наоѓаат во Казнено-поправната установа ’Идризово’“, вели директорката Гавриловска.

Живко Пејковски, директорот на скопскиот затвор „Идризово“, потврдува дека 32 лица осудени на доживотен затвор се во оваа установа. Пејковски за Нетпрес изјави и дека овие лица имаат право на помилување, откако ќе одлежат минимум 15 години затвор.

„Во КПУ ’Идрзиво’ 32 лица одлежуваат доживотна казна затвор. Од нив само двајца лежат повеќе од 15 години. Ние на неколку пати сме поднеле барање до претседателот за нивно помилување, но ниеден од нив досега не е ослободен“, вели Пејковски.

Тој додава дека овие лица се сместени во затворените одделенија на затворот и ги користат сите права и погодности кои им следуваат со куќниот ред на казнено-поправната институција. Според него, со овие затвореници интезнивно се работи на нивната ресоцијализација.

„Овие лица се ресоцијализираат исто како и останатие затвореници. Тие работат во затворениот дел каде се сместени. Имаат контакти со другите осудени лица и ги користат сите права и погодности кои ги налага куќниот ред. Имаат право на посети, слободни видувања, работни ангажмани, како и шетање по часа во делокругот на затворот“, објаснува Пејковски.

Минатата година претседателот Иванов во пресрет на Денот на Републиката помилува 27 осудени лица.