Крводарителска акција на ФЗОМ

Крводарителска акција во сите триесет подрачни единици во државата организира денеска Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Стотина од 300 вработени во скопската подрачна служба на Фондот се пријавиле да даруваат крв.

Ова денеска го истакна директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејова која рече дека крводарителската акција која ја нарекле „Фондовско срце“, е веќе традиционална.

– Даваме и еден вид помош за тие на кои им е најмногу неопходна. Стотина лица од скопската подрачна служба на ФЗОМ имаат желба да даруваат крв и да си направат бесплатна лабораториска анализа на крвта, посочи Парнарџиева Змејкова.

Потенцира дека Фондот од годинава е координатор на владин проект „Поттикнување на крводарителството во државните институции“.

– Токму како координатори уште во јануари со пример ги поттикнуваме државните институции согласно Акцискиот план, да почнат бројни крводарителски акции во Република Македонија со цел да нема дифицит на крв, рече Парнарџиева Змејкова.

Нагласи дека голем интерес за дарување крв има и во подрачните единици на Фондот во другите градови во државата и додаде дека два пати годишно ќе организираат крводарителски акции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.