Кржалоски: Резултатите во македонската економија се благодарение на реформите кои ги спорведе ВМРО-ДПМНЕ

Резултатите кои ги постигнува македонската економија, како прогнозата на ЕК за економскиот раст и рангирањето од Фондацијата Херитиџ на 31. место и покрај наметнатата политичка криза од опозицијата, се благодарение на големиот број реформи и проекти што ги спроведе ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години, изјави на денешната прес-конференција Лука Кржалоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека за успешните економски политики кои ги води Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ пристигнуваат признанија од многу еминентни странски институции, списанија и фондации.

– Пред само неколку дена Европската комисија, македонската економија ја оцени како стабилна, со прогнозиран раст на БДП од 3.2 проценти, што е еден од највисоките во Европа и очекуван пад на невработеноста која се прогнозира да падне на најниски досега 22 отсто. Оваа прогноза на ЕК е идентична со таргетот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ поставен за периодот до 2018-тата година, рече Кржалоски.

Дека македонската економија бележи значајни успеси и позитивни трендови, додаде тој, покажува и извештајот за економски слободи на престижната американската фондација Херитиџ, според кој, Македонија се искачи на 31. место на индексот на економски слободи и влезе во категоријата слободни држави.

– Извештајот покажува значително искачување на Македонија во рок од една година, од 47-то на 31-то место, додека оценката е подобрена на 70,7 поени. Фондацијата Херитиџ ги оценува државите според четири категории, владеењето на правото, големина на државниот апарат и долгот, ефикасност на регулаторниот режим и слобода на трговијата, посочи Кржалоски.

Според него, Македонија вообичаено највисоките оценки ги добива во гарантирањето на слободен пристап до својот пазар и отвореноста за трговија со други држави, даноците и намалувањето на регулаторните пречки за водење бизнис.

– Со овие резултати, Македонија е единствената држава од Балканот која се најде во категоријата на главно слободни држави во Европа, во друштво со развиените економии на Германија, Чешка, Австрија, Ерменија и други. Овие резултати кои ги постигнува македонската економија и покрај наметната политичка криза од опозицијата, се благодарение на големиот број на реформи и проекти кои ги спроведе ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години. Од економски изолирана држава, Македонија во изминатите години бележи постојан раст и развој, нагласи Кржалоски.

Прогресот на Македонија, додаде, е забележан и од Светската Банка во извештајот „Дуинг бизнис“ каде земјата како резултат на успешните економски политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за девет години, вели, забележа раст од 84 места, па од некогашното 94-то место во време на СДСМ, денес е рангирана на 10-тото место во светот и 5-тото место во Европа.

– Благодарение на овие успешни политики, во изминатите години невработеноста се намали од рекордните 38 проценти од времето на СДСМ на сегашните 23,4 отсто, а во Македонија се отворија многу нови фабрики и нови работни места. ВМРО-ДПМНЕ нема да застане тука и во иднина главниот фокус ќе биде на растот и развојот на економијата и намалување на невработеноста, рече на прес-конференцијата Кржалоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.