Кржалоски: Владата на СДСМ е ангажирана само во стопирање, блокирање и укинување

Антиреформската влада предводена од СДСМ одлучи да ја стопира имплементацијата на најкрупната образовна реформа во Република Македонија со која во изминатите три години се издвоивме како единствена земја и лидер во регионот кога е во прашање модернизацијата на системот на образование до 18 годишна возраст, рече во средата Лука Кржалоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Кржалоски обвини дека новата власт наместо да обезбеди континуитет во воспитно образовниот процес во средните училишта, согласно наставните програми и учебници зад кои стои најголемиот светски провајдер во оваа област кој функционира во состав на престижниот британски универзитет Кембриџ и кои во земај нас се целосно воведени и применети во основните училишта, учениците, кои од септември продолжуваат во прва година средно образование, математика, биологија, хемија и физика ќе учат по застарена и често критикувана материја која е некомпатибилна со најновите достигнувања и информации во соодветните области, а предавањата наместо на креативен начин, повторно ќе се реализираат преку класично диктирање и пишување со креда на табла.

„За жал, овој чекор е последица на некадарноста на структурите на СДС, недостигот на идеи и јасен концепт за унапредување на квалитетот на образовниот систем во земјата“, констатираше Кржалоски.

Посочи дека СДСМ укинува реформа за којашто оценува дека донела значајни промени и исклучителен квалитет во македонскиот образовен систем, што е потврдено и во извештаите од мониторингот на Кембриџ, кој констатира зголемена интеракција на часовите и повисок интерес кај учениците за следење на наставата, за вклучување во дискусија и размислување, поголема иновативност во предавањата од страна на наставниците и позитивни промени во педагогијата на поучувањето. А тоа се параметри и ефекти кои требаше да бидат остварени и во средното образование.

„Одлуката за стопирање на примената на наставните програми и учебници кои кај нас се воведени од страна на владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ како системско решение на национално ниво, за разлика од многу други земји каде се користат исклучиво во елитните приватни училишта, ќе предизвика директна штета по однос на знаењето на учениците, гнев кај родителите, но и револт кај наставниците кои се веќе обучени и добро оспособени за работа преку еден современ концепт на предавање и реализација на часовите. Дополнително, во вода пропаѓаат и средствата кои се платени за изготвените програми и учебници за прва година во средно образование и истите треба да бидат уништени“, предочи членот на ВМРО-ДПМНЕ.

Додаде дека станува збор за очигледни антиреформските чекори на СДСМ во образованието во изминатите триесетина дена, како укинувањето на екстерното, укинувањето на дел од дисперзираните студии и намалувањето на државните квоти за студирање

„Тоа само навестуваат дека наместо да оди напред, образовниот систем ќе се врати неколку стотици чекори назад. Станува јасно дека планот на СДС наместо живот, во Македонија ќе донесе пекол“, заклучи Кржалоски.