Кржалоски: Владата на СДСМ за две недели потроши над 20 милиони евра за лични потреби и партиски вработувања

Владата предводена од СДСМ ги троши парите на граѓаните без милост и расипнички управува со државната каса и за четирианесет дена потроши цели 1,2 милијарди денари, или 20,5 милиони евра за стоки и услуги, односно патни и дневни расходи за претставниците на власта, инвентар за нивните канцеларии и за вработувања на партиските послушници, рече во саботата на прес-конференција во ВМРО-ДПМНЕ, Лука Кржалоски.

„Заев и неговите министри кои ветуваа дека ќе донесат живот, за 14 дена стопија 20.5 милиони евра од вашите пари буквално за задоволување на сопствените апетити за луксузирање, наплаќајќи го истото од вашите пари. СДС за да може да се расфрла со парите на граѓаните, и да троши по 20 милиони евра за патни трошоци и партиски вработувања, за само 87 дена ја задолжи државата за неверојатни 145 милиони евра, а од државните резерви стопи 177 милиони евра. Политиката на огромни задолжувања, која ја спроведува владата на СДС забрзано ја води Република Македонија кон банкрот. СДС не размислува за иднината на државата и граѓаните, затоа безмилосно ги задолжува уште неродените генерации со стотици милиони евра, кои се трошат на патни трошоци и партиски вработувања“, истакна Кржалоски.

Оцени дека Владата на СДСМ без срам зема од парите на граѓаните и ги расфрла за патни трошоци на Заев и неговите соработници, за вработување и вдомување на државна плата на партиските послушници и таканаречените граѓански активисти, додека ја задолжува земјата со стотици милиони евра.

„Лудилото на СДС не завршува тука, владата секојдневно одвојува милиони денари за невладините организации.  За само еден ден на 24-ти овој месец владата префрлила 1,4 милиони денари кон  нив“, рече Кржалоски.