КСЕС: Оценувањето на судиите е со цел спроведување правда со највисок можен квалитет

Оценувањето на работата на судиите се врши со цел да се оцени способноста на поединечните судии како и квалитетот и квантитетот на нивната работа. Оценката се користи за обезбедување повратни информации, за потребите на идентификација на неопходната дополнителна обука и одредување лични примања, унапредувања, како и подобрување на квалитетот на правосудниот систем.

Ова е наведено во Мислењето број 17 на Консултативниот совет на европските судии (КСЕС) кое денеска го презентираше Ѓуро Сеса, судија на Врховниот суд на Република Хрватска и потпретседател на КСЕС на тркалезната маза на тема „Домашни искуства и меѓународни стандарди за оценување на работата на судиите и претседателите на судовите“  наменета за претседателите на судовите, судии и членови на Судскиот совет на Република Македонија.

Eвалуацијата е оружје со кое ќе се зголеми позицијата на судот во државата

Евалуацијата на секоја интелектуална работа не е едноставна и не може да се мери со вреднувањето на некој друг, иако во јавноста има обиди тоа да се направи. Постојат некои стандарди во Европа кои треба да се задоволат. Основната цел на оценувањето е да се постигне поголема доверба на јавноста кај судиите за да се зголеми квалитетот на судските одлуки и општо довербата и квалитетот на судот кон граѓаните, истакна Сеса.

Според него евалуацијата е оружје со кое ќе се зголеми позицијата на судот во државата.

Александра Зафировска, член на Судскиот совет на Македонија, истакна дека евалуацијата на судиите, која е една од главните надлежности кои ги има Судскиот совет, е од интерес не само на Советот за да ги констатира состојбите во судството по однос на ефикасноста и квалитетот на работата на судиите, туку и за афирмација на самите судии, јакнење на нивната лична мотивација…

КСЕС: Оценувањето на судиите е со цел спроведување правда со највисок можен квалитет
КСЕС: Оценувањето на судиите е со цел спроведување правда со највисок можен квалитет

Зафировска истакна дека во текот на оценувањето на судиите, кои Судскиот совет веќе седум години го спроведува, биле воочени одредени работи кои биле сигнализирани и од Европската комисија, а се однесуваат во делот на подобрување на индикаторите за утврдувањето на квалитетот на судиите. Појасни дека со новиот закон евалуацијата на судиите се врши на две години за разлика од претходно кога се оценувале на една година.

Во мислењето број 17 на КСЕС истакнати се повеќе препораки, меѓу кои и препораката за постоење одредена форма на индивидуална оценка на работата на поединечните судии за, како што се наведува, да се задоволат двете клучни барања на секој правосуден систем, односно спроведувањето правда со највисок можен квалитет и постоење соодветна отчетност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.