Кси и Трамп разговараа за Северна Кореја: Пјонгјанг да престане со провокациите

Северна Кореја мора да престане со своето провокативно однесување кое води кон ескалација, наведе во саботата Белата куќа по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот кинески колега по должност Кси Џинпинг, пренесуваат агенциите.

Двајцата претседатели ја повториле двостраната ангажираност во денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров, наведе Белата куќа во соопштението.

Кинеската службена новинска агенција Xinhua наведе дека претседателот Кси Џинпинг во текот на разговорот го повикал американскиот челник Доналд Трамп да покаже воздржаност во војната со зборови со Пјонгјанг. Кси ги повикал „сите вклучени страни да покажат воздржаност, како и да ги избегнуваат изјавите и акциите кои би довеле до ескалација на Корејскиот полуостров“, пренесува агенцијата.

Кси и Трамп ја поздравиле неодамнешната нова резолуција на Советот за безбедност при Обединетите нации со којашто се воведуваат нови санкции за Северна Кореја, и сметаат дека оваа резолуција е важен и потребен чекор кон воспоставување мир и безбедност на Корејскиот полуостров, се наведува, пак, во американското соопштение.

Трамп и Кси имаат „многу блиски“ односи, коишто би можеле да придонесат за мирно решавање на проблемот со Северна Кореја, забележува Белата куќа.

Трамп изјави претходно дека американското оружје е подготвено да ја штити американската пацифичка територија Гуам откако Северна Кореја најави дека го завршува планот да лансира четири балистички ракети со среден дострел во близина на овој остров.

Во телефонскиот разговор со гувернерот на Гуам, Еди Калв, Трамп му гарантирал дека американските сили се подготвени да ја гарантираат безбедноста на 160.00 илјади жители на Гуам, како и на целите Соединети држави, наведе уште Белата куќа.

Во четвртокот Северна Кореја објави дека нејзините воени стратези до средината на август ќе го довршат планот за лансирање четири ракети со среден дострел во близина на Гуам на кој се наоѓа американска воздухопловна воена база. Планот ќе му биде претставен на водачот Ким Џонг-ун кој ќе ја донесе одлуката за натамошните чекори. Овие ракети би ја надлетале јапонската територија и би паднале во морето околу 30 до 40 километри од Гуам. Ова лансирање ќе биде клучното предупредување за САД, соопшти севернокорејската армија.