Кси може да биде доживотен претседател на Кина

Пратениците во кинескиот парламент со огромно мнозинство во неделата го прифатија уставниот амандман кој ги укинува ограничувањата од два последователни претседателски мандата и со тоа создадоа простор сегашниот шеф на државата Кси Џинпинг неограничено да остане на власт.

Објавувањето на резултатите од гласањето на три илјади пратеници во Секинексиот народен конгрес покажа дека уставниот амандман е прифатен со само два гласа „против“ и три воздржани гласови. Амандманот во февруари годинава го предложи кинеската комунистичка партија и беше сигурно дека ќе биде прифатен, бидејќи кинескиот конгрес е пополнет со лојални членови на партијата кои никогаш не би се спротиставиле на партискиот предлог.а

Со тоа е отворен патот 64-годишниот Кси Џинпинг, најмоќниот кинески претседател во повеќе од последните четврт век, да остана на чело на државата и по истекот на мандатот во 2023 година. Кси, кој себеси се смета за заговорник на „големата преродба на кинеската нација“, сака на Западот да се претстави како челник на модерна и почитувана суперсила до 2050 година, но без отстапки кога станува збор за индивидуалните слободи, коментира агенцијата AFP. Лојални партиски членови кои учествуваат на конгресот, пак, за агенцијата Reuters изјавиле дека одлуката е многу популарна меѓу кинескиот народ. Кина е среќна што има лидер од вакво калибар како што е Кси, рекле пратениците.

Ограничувањето на два претседателски мандата со уставот од 1982 година ги наметна тогашниот лидер Денг Ксијаопинг, кој со тоа сакаше да избегне враќање на диктаторски режим, каков што владееше во Кина во периодот на Мао Цетунг од 1949 до 1976 година.

„Некои пратеници, коишто ги поддржуваат реформите на Денг Ксијаопинг, веруваат дека тој уставен амандман претставува враќање во минатото“, вели за Reuters пекиншкиот политиколог Хуа По и додава дека „тие би можеле да бидат оние коишто гласале против или се воздржани“.

Покрај тоа, уште претходно Централниот комитет предложи политичката мисла Кси да се стави и во уставот на земјата, со што Кси, исто така, би му се придружил на Мао во историјата.

Откако ја презема партијата кон крајот на 2012 година, Кси поведе немилосрдна битка против корупцијата во која се казнети повеќе од милион луѓе. Некои таа кампања ја гледаат средство за елиминација за внатрешната опозиција.

На 19-от конгрес е одлучено да се воспостави и нова агенција за бора против корупцијата, таканаречена Национална надзорна комисија, којашто ќе ги координира истрагите на сите нивоа на власта и ќе го прошири својот досег и на оние кои не се членови на владејачката партија. Централниот комитет предложи и комисијата да влезе во уставот како нов државен орган.

Ремин Рибао, официјалното гласило на комунистичката партија и најчитаниот дневен весник во Кина, претходно годинава за Кси го употреби терминот „Лингксиу“, што е признание од периодот на Мао Цетунг што има посилни духовни конотации отколку вообичаените термини.