КСС: Царовска направи преседан во однос на функционирањето на ЕСС

На редовната 35-та седница на Економско социјалниот совет (ЕСС), министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, како негов претседател, направи преседан во однос на функционирањето на ЕСС, почитувањето на правото и грубо го прекрши Законот за работни односи, Деловникот за работа на ЕСС и Спогодбата за формирање на ЕСС кои се во согласност на Законот за работни односи и конвенциите на Меѓународната организација на трудот, информираше во петокот Конфедерацијата на слободни сидникати на Македонија (КСС).

Оттаму велат дека министерката без претходно известување направила обид да подметне промена на Деловникот за работа и фунцкионирање на ЕСС, со тоа што повикала да присуствуваат нелегитимни организации.

„Ние како конфедерација на синдикати го поддржување синдикалниот плурализам и консултација со сите синдикати кои функционираат во Република Македонија, но бараме почитување на законите“, истакна претседателот на КСС, Благоја Рајповски, додавајќи дека конфедерацијата остро реагира на ваквата постапка на министерката.

„Царовска при наше укажување се стави во улога над Законот, над Деловникот и се обиде да подметне и усвои дневен ред за кој ниту се известени, ниту, пак, претходно имаме добиено соодветни материјали за дел од дневниот ред во коишто се менува Деловникот“, посочи Рајповски.

КСС заради ваквиот однос на министерката ќе испрати информации до меѓународните организации како што се Европската конфедерација на синдикатите (ETUC) и Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC), како и до Регионалниот совет „Солидарност“.

Според Рајповски, за ова ќе биде информирана и Меѓународната организација на трудот која будно ги следи состојбите во Република Македонија во однос на правата на работниците и почитување, негување и подигнување на социјалниот дијалог и партнерството меѓу социјалните партнери на сите нивоа.

„Исто така, остро ќе реагираме на ваквата состојба и до Владата и до ресорните министерства коишто се членки на ЕСС за надминување и создавање еден коректен социјален дијалог во рамките на Законите и Уставот на Република Македонија“, додаде претседателот на КСС.