КСС ќе започне да ја гради фабриката во Кичево

Премиерот Никола Груевски, денеска оствари средба со претставници на американската компанија КСС – Кеј Сејфти Системс, а по средбата, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо и заменик-претседателот за глобално производство на КСС Џимс Скарпа, потпишаа договор за реализација на инвестицијата.

Компанијата КСС за две до три недели ќе започне со изградбата на производствениот погон во слободната економска зона во Кичево. Објектот треба да биде готов до втората половина на ноември и во него до крајот на годинава се планира да се вработат 300 луѓе. Во 2016 година се очекува бројот на вработените да се зголеми на 600 до 700, а подоцна да се стигне до конечниот број од 1.000 вработувања.

-Нашиот проект успешно напредува. Нашата прва фаза за вработување е речиси готова- ја финализираме групата на вработување на финансиски контролори. Во тек е обука за вработените од првата фаза. Вработувањето од втората фаза почнува, бараме многу искусни оператори, техничари и инженери за процесот. Нашата браунфилд капацитет е подготвен, опремата е веќе инсталирана. За нашата гринфилд инвестиција договорот беше потпишан, очекуваме дека изградбата ќе започне во следната недела. Договорот за земјиштето е сега потпишан. Како што напредуваме сега во градот Кичево, заинтересирани сме да работиме со локалните снабдувачи како индустриска набавка, хотели и во динамиката за вработување очекуваме дека во 2015 во последниот квартал ќе имаме околу 300 вработени, во 2016 од 600 до 700 вработени и очекуваме дека ќе го достигнеме потенцијалот од 1.000 вработувања. Очекуваме позитивни и поволни резултати, истакна заменик-претседателот за глобално производство на КСС, Џимс Скарпа.

Во моментов, во Кичево КСС има браунфилд инвестиција во постоечки објект во центарот на градот, а 10 работници се наоѓаат на обука во Романија.

Директор на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека со потпишувањето на договорите денес, активно започнува оваа инвестиција, на која најдолго се работело.

-Минатата година компанијата ги потврди плановите за инвестирање и оваа инвестиција веќе започнува. Во моментов десетина луѓе се веќе во нивните погони во Романија, каде што се обучуваат и треба да започнат во средината на месец февруари. Вкупната површина на објектот ќе изнесува 13.600 метри квадратни, а градбата треба да започне во наредните две до три недели, зависно од временските услови во Кичево. Веќе се завршени поголем дел од проектанските активности, така што почетокот на градба и сите оние активности што ние како Дирекција за технолошки индустриски развојни зони треба да ги превземеме за заврување на инфраструктурата се искомуницирани со изведувачот и компанијата КСС, се ќе биде готово некаде до втората половина на ноември за компанијата активно да може да започне со работа. За почетокот сите оние луѓе ќе се обучуваат и ќе се произведува пробно производство во постоечки објект во Кичево, рече Мизо.

Инаку, КСС произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија, појаси и електроника и има 34 фабрики во 12 земји.

фото: Курир