КСС: Министерката Царовска направи тежок фалсификат, достави мислење од ЕСС без валидни анализи

Конфедерацијата на слободни синдикати денеска на прес-конференција укажа на нефункционирањето на социјалниот дијалог на највисоко ниво и носење измени на Законот за работни односи без согласност на социјалните партнери.

По неколку одржани состаноци на Извршниот одбор и направените анализи околу неодржливите состојби за функционирање на социјалниот дијалот на национално ниво, КСС одлучиле да дадат недвосмислена поддршка за покачување на минималната плата, но, оттаму велат дека е прекршена целосната процедура, Законот за работни односи, Законот за минимална плата, каде што, како што појаснуваат, точно е прецизиран начинот на кој Економско-социјалниот совет треба да даде согласност за тие да поминат во владина и собраниска процедура.

„Игнорирајќи ги репрезентативните социјални партнери и правејќи тежок фалсификат, министерката за труд и социјална политика достави мислења од ЕСС за покачување на минималната плата без мислење од КСС и без заеднички и валидни анализи“, истакна претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

КСС бара покачување на платите согласно покачувањето на минималната плата, поради што ќе се случи порамнување на техничко помошниот персонал со најниски позиции на носители на дејност во јавниот сектор.

„Бараме покачување на платите во соодветен проценд од 19 отсто заради задржување на распонот на платите на сите категории на јавни службеници. Бараме итно свикување на ЕСС во легитимниот состав со репрезентативните социјални партнери на кои што, нашиот предлог сме сигурни ќе биде уважен, согласно сите закони и Уставот на Република Македонија“, велат од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Предупредуваат дека доколку повторно бидат игнорирани ќе бидат принудени да ги преземат сите синдикални, легитимни радикални мерки.