Ксукла: Силна осуда за заканите и инволвираноста на Заев со странски служби

Демант до ЛДП која јавно го поддржа Заев, пристигна од претседателот на Алијансата на либерали и демократи за Европа од Парламентарното Собрание, Жорди Ксукла, кој силно ги осуди заканите на Заев и неговата инволвираност и соработка со странските служби.

Силно ги осудувам заканите на Зоран Заев, претседател на опозициската СДСМ, кон претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, вели во својата изјава Жорди Ксукла, пратеник во Парламентот на Шпанија и пртеседател на групата на Алијансата на либерали и демократи за Европа (ALDE) во ПС на Совет на Европа за последните настани во Македонија и во врска со, како што наведува, недемократските активности на Заев, пренесува МИА.

Ксукла, кој членува во повеќе комитети во ПССЕ и е претседател на Фондацијата за слободи и демократија, наведува дека Заев од претседателот на Владата побарал да поднесе оставка под закана дека во јавноста ќе бидат објавени материјали направени од странски тајни служби, на кои се наоѓаат снимени телефонски разговори и документи на највисоките државни претставници.

– Убеден сум дека повеќето од нив не се точни и дека се производ на странски тајни служби, вели тој.

Шпанскиот сенатор истакнува и дека е информиран оти на 31 јануари годинава Одделот задолжен за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Република Македонија поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство и дека Обвинителството донело наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Во тој контекст тој повикува на фер и демократски судски процес во кој целосно ќе се почитуваат европските демократски стандарди и во кој  постапката ќе биде целосно транспарентна.

– Во таа насока сакам да ги осудам заканите кои ги прави Зоран Заев, претседател на опозициската СДСМ, кон претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и инволвираноста на странските тајни служби во секој вид на нелегално снимање и прислушкување насочено кој највисоките државни претставници на Македонија, се вели во изјавата на Ксукла.

Тој укажува дека единствената демократска борба е онаа на  вистинска дебата во која страните изнесуваат политички аргументи и изборни програми, кои што се верификуваат на избори и при тоа повикува на враќање на опозцијата во Парламентот.

– Би сакал да повикам на обновување на политичкиот дијалог меѓу Владата и опозицијата. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија  целосно да ги почитува  демократските стандарди, како и да заземе конструктивна и активна соработка во политичкиот систем на Македонија и достоинствено да се однесува во целиот овој процес. СДСМ целосно да ги искористи и оствари мандатите во Собранието на Република Македонија, се вели во изјавата на влијателниот шпански политичар Жорди Ксукла, кој по вокација е професор по административно право на Универзитетот на Каталонија и адвокат.