Анализи

Завршува ерата на браќата Кастро на карипскиот социјалистички рај Куба утре добива нов претседател

Куба утре добива нов претседател

Утре во Куба започнува нова ера бидејќи за прв пат по речиси 60 години со овој кариписки социјалистички рај нема да владее некој од браќата Кастро. Откако лидерот на кубанската револуција, Фидел Кастро застана на чело на Куба во 1959 година, се случи само една промена на власта и тоа, кога поради болест во 2006 година го замени брат му Раул.

Сите очи сега се вперени во Мигуел Дијаз- Канел, 57-годишниот инженер, поранешен министер за образование и заменик-претседател на Државниот совет, кој е најверојатно наследник на Раул Кастро.

Народното собрание на Куба денеска го почна дводневното заседание, во текот на кое треба да биде избран новиот претседател на Куба, кој утре ќе и биде објавен на јавноста. Вкупно 605 народни избраници со гласачки ливчиња ќе го изберат претседателот на Државниот совет, кој според Уставот на Куба е шеф на државата и на Владата. Името на новиот претседател ќе биде објавено утре, на 19 април, бидејќи на тој ден пред 61 година кубанските вооружени сили, на чело со Фидел Кастро, ги поразија интервенцистичките сили.

Но тешко е да се поверува дека Куба ќе тргне во некоја друга насока, бидејќи, иако се сметаше дека новиот лидер е со нешто поумерени ставови, Канел лани зазема нешто потврд став нагласувајќи го континуитетот на еднопартискиот систем и планската економија.

Според аналитичарите, Дијаз-Канел е кандидат за кој е постигнат консензус, кој лично го избрал Кастро,на кого му беше десна рака од 2013 година, а чија доверба ја стекнал држејќи се на партиската линија за клучните политички и економски прашања. Постојат причини за очекувања дека тој ќе биде пофлексибилен, помодерен, но нема докази кои одат во прилог на тоа дека ќе биде реформист или дека ќе престане да го фаворизира државниот, наспроти приватниот сектор.

Минатото лето се појави видео снимка во која Дијаз-Канел ги критикува независните медиуми и на Комунистичката партија и вели дека амбасадите на САД, Норвешка, Шпанија, Германија и Велика Британија подржувале субверзивни активности, како и дека обидот на администрацијата на Обама за повторно воспоставување на односите меѓу САД и Куба беше само поинаков начин Америка да ја постигне својата крајна цел: уништување на кубанската револуција..

Меѓутоа, Раул Кастро (86) до 2021 година ќе остане лидер на Комунистичката партија, што знали дека и понатаму ќе има големо влијание на процесот на донесување на државните одлуки.

Новиот претседател на чело на државата доаѓа во тешки моменти. Куба се соочува со економска рецесија, а месечната плата во земјата, независно од професијата е само 30 долари.

Дијаз- Канел, исто така, ќе мора да се справи со сложените односи со САД, особено откако администрација на Доналд Трамп соопшти дека трајно ќе го намали бројот на дипломатите во својата амбасада во Хавана. Одлуката беше донесена откако неколку вработени се разболеа во серија неразјаснети здравствени инциденти. Стејт департментот потоа издаде предупредување во кое ги советуваше Американците добро да ги размотрат одлуките за патување на Куба.

Сето ова се големи проблеми, бидејќи, уште по падот на Советскиот Сојуз, туризмот на Куба, заедно со тутунот и кафето се најзначаен извор на приходи, а во Куба дури се во оптек и две валути- КУК е кубански конвертабилен пезос во кои се истакнати цените на хотелските ноќевања, услугите во клубовите и за такси, а кои се наменети за туристите, како и KУП или домашен кубански пезоси со кој плаќа локалното население.

Исто така, до пред само неколку години во Куба немаше интернет, но поради туризмот сега тој може да се користи во хотели или на хот спот местта на плоштадите или во парковите.
Кубанската економија би профитирала ако Конгресот на САД конечно го укине ембаргото наметнато пред речиси 60 години, но со оглед на моменталните ставови на двете земји, тоа не е баш веројатно.