Кубанското раководство му одаде почит на Фидел Кастро – бели рози и заклетва на верност

Кубанскиот претседател Раул Кастро, заедно со водечките лидери на Комунистичката партија на Киба и Владата на комеморативна церемонија во Хавана му одадоа почит на покојниот револуционарен лидер Фидел Кастро, јави кубанската државна телевизија.

Како што беше прикажано на телевизијата, тие му одадоа почест на покојниот лидер со едноминутен молк пред неговата слика и урната со пепел, сместени во Министерството за одбрана.

Раул Кастро положи бели рози пред посмртните останки на својот брат, а по него следеа легендарните герилски команданти Рамиро Валдес и Гиљермо Гарсија.

Раул Кастро, во својата вообичаена воена униформа, ја потпиша заклетвата дека ќе остане верен на концептот на револуцијата на Фидел Кастро.

Ова е првпат Кубанците да ја видат пепелта на Фидел Кастро, откако Раул Кастро ја објави неговата смрт во петокот вечерта по локално време.

Стотици илјади Кубанци вчера се собраа на најголемите градски плоштади ширум островот за да се простат од 90-годишниот Фидел Кастро, одавајќи му почит пред неговите слики од времето кога беше млад герилец и ветувајќи верност на неговите социјалистички принципи.

Главната комеморативна церемонија ќе се оддржи денеска во Меморијалот „Хосе Марти“ на Плоштадот на револуцијата во Хавана, каде покрај сликата на Фидел Кастро, се изложени и одликувањата на поранешниот претседател добиени во текот на неговиот живот.

Како што наведува ТАСС, нема посебни мерки за безбедност.

Комеморацијата ќе ја следат најмалку 25 странски делегации, најави кубанскиот министер за надворешни работи.

Урната со пепелта на Фидел Кастро утре ќе тргне на повеќедневно патување низ земјата кон истокот на Куба, а на 4 декември ќе биде положена на гробиштата Санта Ифигениа во Сантијаго, вториот по големина кубански град.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.