Кучињата скитници ги изедоа граѓаните, Шилегов молчи

Граѓаните реагираат на секојдневните напади од бездомни кучиња во Скопје. Тие велат дека кучињата најчесто се движат во глутници, многу од нив не се обележани што значи дека не се регистрирани од надлежни институци и едноставно не се чувствуваат безбедни да се движат по улиците.

Скопјани не се надеваат дека проблемот набрзо ќе се реши иако пред еден месец градоначалникот Петре Шилегов тврдеше дека се изработува стратегија за долгорочно решавање на проблемот, а како што рече тогаш нападите на кучиња не биле зачестени, напротив се поретки. Тој исто така тврдеше дека не може долгогодишен проблем да се реши за шест месеци, а денеска до објавувањето на веста не одговори на нашите прашања кога ќе започне Градот со спроведување на плановите за решавање на проблемот со бездомните кучиња.

Дека ситуацијата е загрижувачка покажуваат и двата сериозни напади во текот на викендот.

Осумнаесетгодишно момче заврши во болница со тешки повреди откако возејќи велосипед било нападнато од куче-скитник. Настанот се случил во петокот околу 20 часот во скопската населба Ченто.

Додека Д.Г. возел велосипед, бил нападнат куче-скитник, по што паднал на коловозот и тешко се повредил. Со автомобил бил префрлен во Градската општа болница „Свети Наум” каде по укажаната лекарска помош му биле констатирани тешки повреди.

Викендов е регистриран уште еден сличен случај на напад од бездомни кучиња.

„Ноќеска, на враќање дома, син ми беше нападнат и искасан од глутница кучиња во строг центар на градот. Во Клинички центар беа професионални и сум благодарен. Надлежните ништо не прават да ги заштитат граѓаните, повеќе се грижат некој кучињата скитници да не ги повреди.
Фотографијата е автентична, направена е на клинички на ургентно, избришана е крвта и се гледаат длабоки рани од каснувања. Професионално и човечки го истретираа и на урегентно и на инфективно и благодарност до дежурните екипи кои патем, со очај говореа дека имаат вистинска навалница од граѓани испокасани од кучиња-скитници.
Инаку син ми е голем љубител на животни, ги сака, ги гали, им помага, дава храна и беше во шок бидеејќи со ништо не ги испоровицирал, никогаш ни вечерета, буквално ни со звук, ниту гест, туку бил нападант од зад грб и морал да се спасува качувајќи се на столб.
Ситуацијата, во крајот каде живеам, во општина Центар е драматична. Се повеќе ги има и се повеќе се агресивни, вели новинарот Јанко Илковски во својот статус на социјалните мрежи.


Според него ова веќе станува социјален проблем бидејќи неговото семејство, посебно синот се љубители на кучиња, но оваа ситуација е загрижувачка и заклучува дека човечкиот живот се соочува со пониска вредност од оној на животните.

Револтот кај граѓаните станува се поголем бидејќи очекувале подобрување на состојбата, но во изминатиот период  нема ден да нема жртва на бездомно куче.

Не можеме да се движиме слободно низ населбата, срамота е и во сред Центар да ни се шетаат парталави и шугави кучиња, реагираме до општината и до Градот Скопје, ама нема ефект  – велат граѓаните.

Дел од граѓаните се загрижени и за самата состојба на кучињата, се разболуваат и сега посебно во летниот период ако не се контролирани може да бидат извор на зарази. На другите пак им пречи што некој постојано ги храни кучињата, па сметаат дека затоа ги има насекаде.

Од здружението „Анима мунди“ претходно за „Нетпрес“ тврдеа  дека тие веќе имаат готова стратегија но никој не ги контактира. Тие во повеќе наврати доставиле конкретни укажувања, конкретни предлог мерки и барања за итна потреба од измена на работењето на стационарот „Вардариште“. Тие побарале да го превземат раководењето со стационарот со што истиот би функционирал доследно согласно унапредена Програмата (залови – стерилизирај – врати) која е во светски рамки покажана како единствен успешен метод.