Магазин

КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп одбележа 70 години постоење

КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп  одбележа 70 години постоење

На плоштадот „Александрија“ во Прилеп синоќа со концерт беа одбележани 70 години од постоењето на Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“ од Прилеп.

– Веќе седум децении КУД „Мирче Ацев“ е македонски и прилепски фолклорен амбасадор, промовирајќи го во земјата и во странство македонскиот фолклор и традиција. Неговите почетоци се во април 1947 година, а во досегашното постоење илјадниците играорци, кои биле дел од друштвото одржале повеќе од 3.500 концерти, не само во Прилеп и Македонија, туку и во странство. Ансамблот, кој работи под раководство на Атанас Гагалески, гостувал речиси на сите континенти во светот, соопшти Општина Прилеп.

КУД Змај од Србија

Гости на концертот беа членовите од КУД „Змај“ од градот Ириг, Србија.

– Денеска прославуваме 70 години постоење на КУД „Мирче Ацев“. Им благодарам на сите поранешни членови кои придонесоа за ова друштво да биде познато на сите континенти. Задоволство ми е што гости ни се и КУД „Змај“ од градот Ириг од Србија со кои соработуваме неколку години, изјави Гагалески.

Зоран Митиќ, претседател на КУД „Змај“, исто така истакна дека им е големо задоволство да присуствуваат на концертот и одбележувањето на јубилејот и, како што рече, да го посетат преубавиот град Прилеп.

– КУД „Змај“ постои 150 години и се надевам дека оваа соработка со КУД „Мирче Ацев“ ќе трае уште многу години, рече Митиќ.

На настанот присуствуваа и градоначалниците од Ириг и Прилеп,  Стефан Казимировиќ и Марјан Ристески кои, исто така, очекуваат дека соработката меѓу двете играорни друштва ќе прерасне и во трајно пријателство меѓу двете општини.

КУД „Мирче Ацев“ има освоено голем број награди во повеќе држави, а добитник е и на признанието „3 Ноември“ на градот Прилеп за негување на македонскиот фолклор.