Балкан

Кукан: На Србија ќе и се потребни осум години за членство во ЕУ

Претседателот на делегацијата на Европскиот парламент за односи со Србија, Едуард Кукан, проценува дека на Белград за членството во  Европската унија ќе му бидат потребни најмалку осум години, но додава дека сите напори треба да бидат насочени на продолжувањето на успешниот процес на европски интеграции.

Кукан нагласи и дека Србија треба многу внимателно да анализира што се нејзините интереси и за нив да се  бори, а ако мисли дека е во право, не треба да го прифати сето она што прво ќе и се понуди во преговорите.

„Некои српски политичари имаат голем ентузијазам кога станува збор за брзината со која земјата може да оди кон ЕУ. Тоа е убаво, но мора да се биде многу реален. До членство, според моја проценка, ќе ви биде потребно најмалку осум години“, изјави Кукан за денешниот број на „Вечерње новости“.

Кукан, кој е претседател на делегацијата на Европскиот парламент за односите со Србија, Косово, Црна Гора, БиХ и Албанија, потсети и дека треба да се мине низ сите 35 поглавлја од преговорте, што е многу спор административен процес и дека само скринингот ќе трае до пролетта следната година.