Кукан: Во Македонија има разбирлива политичка фрустрација поради блокадите за влез во ЕУ

Поранешниот министер за надворешни работи на Словачка, Едвард Кукан, смета дека довербата во проширувањето на Европската унија ќе се засили кога конечно ќе се најде решение на прашањата како она за името со Република Македонија, јави МИА.

На денешната конференција: „Заживување на Балканот: Нов почеток на закочените политики“ во организација на невладината организација „Пријатели на Европа“, словачкиот европратеник додаде и дека ја разбира политичката фрустрација во Македонија поради блокадите за влез во Унијата.

– Што е постигнато на Балканот претходните години? Има некои позитивни резултати, но и враќање назад. Хрватска е дел од семејството, Црна Гора и Србија преговараат и Албанија е кандидатска земја, што е прогрес. Но, од друга страна, во Македонија има разбирлива политичка фрустрација поради блокадите со кои долго време се соочува земјата во евроинтеграциите. Има и стагнација на Босна и Херцеговина поради дисфункционалната внатрешна политика на земјата, а слабости се покажуваат и на Косово, во однос на градењето на државата, порача Кукан.

Во однос на тоа како да се оди напред во следните пет години, поранешниот кандидат за претседател на Словачка посочи дека најпрво мора да се врати довербата во процесот на проширување во Унијата. Според него, ЕУ не може да се повлече од посветеноста и треба да е сериозна, а на Балканот мора да има владеење на правото, силно правосудство и економија и ако испорачуваат на ова поле, земјите ќе покажат релевантност.

Европратеникот Кукан додаде дека е потребна и доверба меѓу политичките лидери на Западниот Балкан. Во однос на добрососедството, според него, треба да се говори и за одговорностите на политичките лидери за целиот регион, не само за нивните земји и дека е важно тие да гледаат така оти динамиката на овој процес зависи од подготвеноста и волјата на лидерите во регионот да истапат од сенката и да направат уште еден чекор напред. Тоа, како што вли Кукан, ќе креира подобри услови за доверба.

– Во ЕУ, за жал, единствен таков лидер што гледа повеќе од интересите на својата земја е германската канцеларка Ангела Меркел. А, исто така, ни требаат и попозитивни вести од регионот со цел да им објасниме на нашите луѓе во ЕУ дека е потребно и добро за Европа да имаме успешен процес на проширување на Западниот Балкан. Како и да е, секоја рунда на проширување е се потешка и мора да бидете подготвени за тоа. Довербата ќе се засили кога конечно ќе најдеме решение на прашањата кои ги спомнав како она со Македонија и движењето напред на БиХ и на Косово, заврши Едвард Кукан.

Според хрватскиот европратеник, Андреј Пленковиќ, повеќе нема шанси за куси патеки во однос на проширувањето оти тоа не се случи претходно, па нема ниту во иднина. Според потпретседателот на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот, проширувањето исчезна од европската агенда.

– Гледаме последици од тоа секој ден и претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер е реалистичен кога вели дека нема да има проширување следните пет години, со што испраќа порака до ЕУ-земјите. Јоханес Хан, пак е искусен политичар и е одличен за позицијата комесар за преговори за проширување. Затоа, следните пет години земјите во регионот треба да таргетираат индивидуален пристап. Конкурентноста е добра и дава поголема мотивација, ќе рече европратеникот Пленковиќ.

Според потсекретарот во италијанското Министерство за надворешни работи, Бенедет Дела Ведова, проширувањето е „вин-вин“ ситуација за ЕУ-земјите, но и за оние во процесот на пристапување. Ппоранешниот премиер на Бугарија, Сергеј Станишев, додаде дека е вистина дека секое проширување на Унијата станува се потешко и е објективен процес оти на една страна има проблеми во ЕУ, но од друга страна го става под прашање европскиот капацитет на Унијата.

Според европратеникот Станишев, кога ЕУ се проширувало рапидно, многу стари земји-членки гледале проблеми, бидејќи, според него, во многу земји од ЕУ има проблем со демократскиот стандард и слободата на медиумите.

– Мора да се врати политичкиот моментум во однос на проширувањето во ЕУ, па и за време на економската криза. Јас, како претседател на Европските социјалисти и демократи, велам дека ние имаме разбирање во социјал-демократското семејство во Европа и додека сите земји од Западен Балкан не влезат во ЕУ, процесот на проширување нема да биде цлеосен. Сите политички и институционални актери на Балканот мора да се посветат на ова прашање и така сите ќе бидеме поуспешни, посочи Станишев.

Овие пораки беа испратени на првата програма „Агендата на ЕУ и Западниот Балкан за периодот од 2015 до 2020 година“ од целодневната конференција на која во вториот дел на дебатата за „Економскиот развој: Дали чашата е полупразна и полу полна“, денеска ќе говори и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.