Кулиќ го достави нацрт-извештајот за загинувањето на претседателот Трајковски

Омер Кулиќ, шефот на меѓународниот тим што изврши повторна истрага за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, денеска му го предаде нацрт-извештајот на претседателот на Комисијата за воздухопловни несреќи и сериозни инциденти и овластен претставник на Република Македонија, Сотир Костов, пренесува МИА.

Македонската комисија во наредните две недели ќе го разгледа извештајот и ќе ги достави евентуалните забелешки и сугестии, по што до крајот на годинава конечната верзија на документот треба да им биде предадена на властите во Босна и Херцеговина и во Македонија.

– Не ме прашувајте што пишува во извештајот, не можам да кажам, рече Кулиќ, изразувајќи надеж дека за дваесеттина дена ќе биде објавен завршниот документ со деталите.

Нагласи дека е направавена целосна реконструкција на летот, а ќе има и аудио снимки за тоа што се случило.

За време на истрагата, посочи Кулиќ, членовите на тимот немале никакви проблеми ниту притисоци.

omer-kulic500

Извештајот, како што претходно најави шефот на истражниот тим, ќе содржи детали за несреќата, од полетувањето на авионот „Кингер“ на скопскиот аеродром, па се до падот, неколку минути пред да слета во Мостар.

Инаку, првичната истрага за падот на „Кингерот“ што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот во Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. На барање на Македонија, по собирањето на дополнителните докази од страна на македонското МВР беше отворена нова истрага во јануари 2013 година.

Претседателот Борис Трајковски загина во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски, животот го загубија уште осум лица кои беа дел од неговиот кабинет, како и членови на екипажот.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во БиХ, на 26 февруари 2014 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во 8 часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.