Културните институции се вклучуваат во хуманитарната акција за Србија и БиХ

Во големата хуманитарна акција за загрозените од Србија и БиХ се влучуваат и сите културни институции во земјава.

Во организација на министерството за култура во четврток во 19 часот во спортската сала „Борис Трајковски“ ќе се организира голем хуманитарен концерт на наши познати пејачи и групи со мото „Да се обединиме во хуманоста“.Билетите се веќе во продажба и чинат симболични 150 денари.

Кон оваа акција се вклучуваат и речиси сите театарски институтции низ земјава, каде што ќе се изведуваат претстви, а средствата собрани од продажбата на билетите ќе бидат издвоени за поплавените. Хуманитарни претстави граѓаните ќе можат да следат во МОБ, МНТ, Македонска филхармонија, Театарот за деца и млади, Драмскиот театар, Театар комедија, Албанскиот театар, Турскиот театар, како и Театрите во Битола, Прилеп, Струмица  и Штип.

Портпаролот на Владата, Александар Георгиев упати голема благодарност до граѓаните, невладините организации, до општините и институциите за духот на солидарноста што се манифестирапе овие денови.

„Македонија низ минатото поминала низ многу тешки предизвици, а граѓаните знаат што значи да се даде поддршка и помош“, истакна Георгиев кој посочи дека Координативното тело во земјава предводено од министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески е во постојана комуникација со официјалните институции на Србија и Бих.

Тој воедно објасни дека со последните законски измени доколку се работи за донација која е од јавен интерес на неа не се пресметува ДДВ.

На утрешната седница Владата ќе донесе одлука сите собрани средства да одат на сметка на Владите на Србија и на БиХ и притоа државата нема да пресметува ДДВ на собраните средства.