Културно-едукативен хепенинг во недела на локалитетот Кокино

Културно-едукативен хепенинг „Кокино-Тврдина на сонцето“ ќе се реализира в недела на  мегалитската опсерваторија Кокино. Организатор е продукцијата „Пасворд“.

Хепенингот е во рамки на проектот на Владата и Министерството за култура „Кокино-македонски бренд“ и има хуманитарен карактер. Сите донирани средства од посетителите ќе бидат наменети за жителите од поплавените подрачја.

Министерството за култура информира дека како дел од програмските активности, кои ќе почнат во 17 часот, за посетителите ќе бидат организирани едукативни тури до опсерваторијата. Ќе се одржат и повеќе работилници за керамика, филигран, компостирање, оригами, а паралелно ќе се одвиваат и предавања од областа на астрономијата.

Кокино .jpg

Вечерта, со почеток во 19 часот ќе се одржи поетско читање. Во музичкиот дел ќе настапат Мухамед Ибраими, Фолтин и Кирил Џајковски. Хепенингот планирано е да заврши околу полноќ со проекција на краткометражни филмски проекции во рамки на кино под отворено небо.

Претходно, како дел од четиригодишниот проект „Кокино–македонски бренд“, кој е во насока на промоција и афирмација на првото регистрирано планинско светилиште од бронзено доба на територијата на Република Македонија беа реализирани повеќе настани. Во Археолошкиот музеј на Македонија беше одржан Меѓународниот научен симпозиум на тема „Кокино – археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства“ и изложба на фотографии од локалитетот Кокино, видени низ објективот на еден од најистакнатите македонски фотографи Љупчо Илиевски. Музејот во Куманово ја реализираше изложбата „Кокино – тврдина на Сонцето“ на која беа презентирани околу 150 артефакти откриени за време на археолошките истражувања на овој локалитет.

Според НАСА, Кокино се наоѓа на високото четврто место на најстарите опсерватории во светот.