Кумановец прегази сограѓанин кој реагирал на неговото брзо возење

Кумановец е повреден откако во вторникот попладне во него со автомобил удрил возач кому претходно му реагирал затоа што движејќи се со голема брзина за малку ќе прегазел дете, информираше во средата Министерството за внатрешни работи.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, 31-годишниот И.П. од населбата „Јане Сандански“ во СВР Куманово пријавил дека вчера околу 17,50 часот непознат сторител со патничко моторно возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки со многу голема брзина ќе прегазел дете, при што изреагирал и му викнал.

Во тој момент возачот со возилото наназад тргнал кон И.П., при што го удрил во пределот на стомакот, го турнал на земја и го притиснал со возилото до бетонска ограда. Потоа излегол од возилото, ги собрал скршените делови од возилото и си заминал од местото.

Еден час подоцна во СВР Куманово сам се пријавил возачот, 27-годишниот Е.П., исто така, од населбата „Јане Сандански“. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.