Куманово: Не даваме децата да ни се злоупотребуваат за туѓи цели

Онаму каде што немаше настава денес, реагираа родители на учениците. Изреволтирани од односот на наставниците кои штрајкуваа, бараа да не се злоупотребуваат нивните деца.

По родителите од Струмица, се огласија и револтираните од Куманово каде имаше штрајк на наставниците и професорите. Велат, губењето часови е на штета на сите- губат и родителите и децата кој заостануваат со наставата.

-Апелираме просветните работници и вработените во градинки, да не ги злоупотребуваат децата со штрајк. Доколку тие имаат некакви проблеми и се засегнати, тоа можеа да го решат и со преговори со Министерството и тоа за време на зимскиот распуст. Имаа доволно време за да можат да разговараат и да преговараат, а не вака децата да ги злоупотребуваат да не одат на училиште. Потоа ќе треба да се обработуваат саботи и да се предаваат по две лекции на час за да се стигне целиот материјал, велат родителите кои се засегнати од штрајкот.

Родителите на децата од основно и средно образование, како и на оние од градинка, побараа наставата да почне, а проблемите да се решаваат на друго место.

-Моето дете сабајлево уредно се пријави во 7:15 на часови. Седеле 40 минути во училиште и никој не се појавил од професорите ниту им образложил зошто не се оддржуваат часови. После подолго чекање, учениците самоиницијативно отишле во канцеларија и некој од професорите им рекол дека штрајкуваат, а тие да прават што сакаат. Ова е воспитно-педагошка установа каде што нашите деца ги праќаме да се воспитуваат и да учат и ние како родители не се согласуваме да има штрајк на ваков начин. Работите треба да се решаваат на друг начин, а децата наши да не бидат злоупотребени. Како родители нема да дозволиме саботите да бидат одработувани, вели претставник на поголем број на родители од средното образование, чие дете посетува настава во кумановската гимназија „Гоце Делчев“.

-Јас сум родител на дете кое е згрижено во градинка, бидејќи мојата сопруга и јас сме во работен однос и моето дете нема кој да го чува. Со овој штрајк самите ние сме инволвирани, како и голем број на родители. Нашите деца иако се примени, не можат да бидат згрижени, бидејќи деца не се чуваат во група од над 100 деца за кои се грижи мал број на учителки кои се против штрајкот. Некои градинки дури не ни примале деца. Ние совесно си ги плаќаме сите давачки за згрижување на нашите деца, затоа апел до вработените да престанат со штрајкот, нашите мали деца да не бидат злоупотребувани и искористени за остварување на нечии цели.

Надлежните пак, најавија дека е обезбедна замена за наставниците кои штрајкуваат и дека наставата ќе продолжи нормално.