Куманово: Поплавени куќи и земјоделски површини

Обилните врнежи од дожд предизвикаа зголемување на водотеците кај сите реки во кумановско. Во Куманово наврнаа 12 литри дожд на метар квадратен, но во соседните општини имаше двојно повеќе врнежи.

Според првичните информации на Регионалниот центар за управување со кризи, надојдените води на Којнарка поплавиле најмалку осум куќи и придружни објекти на потегот на селата Горно и Долно Којнаре. РЦУК информира дека водниот талог што е влезен во објектите е 80 сантиметри.

Нивото на Кумановка река е зголемено од 111 на 200 сантиметри и таа е излеана кај Средорек каде според првичните информации поплавени се најмалку три куќи. Превентивно поставени се дополнителни 500 вреќи со песок. Кумановка се излеала и кај Доброшане и кај „Митев мост“.

Липковка река е излеана и поплавила земјоделско земјиште на потегот меѓу селата Опае и Лопате, а излеана е и Крива река и поплавени се куќи и придружни објекти на потегот на Јачинце, Клечовце, Довезнце и Бељаковце. Според првичните информации зафатени се најмалку осум куќи.

Во Старо Нагоричане излеана е Петрошница, притока на Пчиња која поплавила куќи и викендици во Војник и Стрезовце.