Кумашинот на Рашковски регистрирал фирма само два месеца пред да добива бизниси

Дејан Костиќ, кумашинот на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, е еден од основачите во адвокатското друштво КВЦ (Дејан Костиќ, Велимир Велковски и Теодора Цветаноска), кое е ангажирано за адвокатски услуги на неколку владини институции. Ова адвокатско друштво е формирано на 27-ми јули годинава, неполни два месеца пред да ги добива првите ангажмани од владини институции.

Рашковски му е венчан кум на Костиќ, кој од 2014 година до пред два месеца бил самостоен адвокат. И Велимир Велковски бил самостоен адвокат, а за Теодора Цветаноска, нема податоци дали има претходно искуство, туку само дека од јули им е партнер на двајцата адвокати.

ВМРО-ДПМНЕ објави фактури на име на адвокатското друштво КВЦ, чии адвокати од државни институции добивале различни суми за адвокатски услуги. На пример, за присуство на една конститутивната седница на управниот одбор на ЈП „Јасен“ на еден од адвокатите му се платени 10.500 денари.

„Чиста кражба на народни пари, бидејќи воопшто и не постои потреба од присуство на адвокатската канцеларија таму. Уште колку вакви фактури му има исплатено Рашковски на својот кумашин? Ова е скандал од огромни размери. Доколку и не се ангажира повеќе часови, доволно е секој ден адвокатот Костиќ да поработи по малку и месечно од кумот би добил над 600.000 денари или 10.000 евра. Затоа ли Рашковски крие во која постапка е ангажиран неговиот кумашин, кој го бирал и колку пари треба да му плати за ангажманот“, изјави неодамна за медиумите Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

На овие обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ, од Владата одговорија дека адвокатската канцеларија на Дејан Костиќ е ангажирана од Владата за регистрација на именуваните функционери во Централниот регистар. Сите други правни работи Владата ги врши преку својот правен сектор со лица вработени во минатите десет години.

Костиќ за НоваТВ рече дека при изборот на Адвокатското друштво КВЦ од Владата нема никакви законски пречки или судир на интереси и бараше од политичките партии да не ја политизираат работата на нивната канцеларија и да не се употребува за дневно–политички цели.

Сепак, иако досега не било практика надворешни правни консултанти да присуствуваат на седници на акционерски друштва чиј основач и сопственик е Владата, адвокатското друштво КВЦ ја имало таа привилегија по промената на членовите на надзорните и управните одбори во повеќе државни институции,

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, мора да знае што е конфликт на интереси и што е непотизам, премиерот Зоран Заев е на потег, смета поранешниот прв човек на соросовата фондација, Владимир Милчин, откако во јавноста излезе на виделина скандалот дека кумашинот на Рашковски регистрирал адвокатска фирма пред само два месеца.

„Ова укажува на конфликт на интереси. Функционер на Владата ја користи својата функција за да му овозможи на свој близок да остварува финансиска добивка од Буџетот на Владата. Како правник, Рашковски мора да знае што е конфликт на интереси и што е непотизам“, коментира Владимир Милчин и додаде дека сега премиерот Зоран Заев е на потег.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.