Кундерс: Договорот од Пржино целосно да се спроведе

Кундерс: Договорот од Пржино целосно да се спроведе
Кундерс: Договорот од Пржино целосно да се спроведе
Договорот од Пржино е многу важен и важно е целосно да се спроведе. Европа го поддржува тој договор, е пораката што денеска ја упати до политичките лидери министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Кундерс, кој се наоѓа во работна посета на Република Македонија.

– Вие подобро знаете од мене колку е важно да се има фер и кридибилни избори, пречистен список и подеднаков пристап кон медиумите. Македонија има долга традиција и историја, сте имале и претходно фер, демократски избори и затоа е важно да се спроведе договорот од Пржино за да се овозможи понатаму да се работи на европската перспектива, нагласи на денешната прес-конференција шефот на холандската дипломатија, по средбата со министерот за надворешни работи Никола Попоски.

На новинарско прашање како внатрешно политичката состојба е поврзана со мигрантската криза, министерот Кундерс истакна дека политичата криза во земјата не е директно поврзана со бегалската криза.

– Но, за сите наши држави е важно затоа што секаде се јавуваат тензии во однос на тоа како да се реши бегалската криза. Затоа важно е нашите земји да останат стабилни за да можеме да соработуваме на решавање на бегалското прашање. Во Европа, вклучително и во Македонија се соочуваме со предизвикот на надворешната безбедност и внатрешниот консензус, а ова е особено предизвик за Македонија. Затоа сметам дека вашата визија и желба за евроатлантска интеграција е поврзана со спроведувањето на договорот од Пржино, рече министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, Берт Кундерс.

Тој подвлече дека ја поддржуваат и работата на Специјалниот јавен обвинител.

– Таа треба да биде слободна да ја изврши својата работа. Сите треба да си помогнеме меѓусебно, порача шефот на холандската дипломатија, кој денеска ќе биде примен и од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.