Купете си автобуски билет од дома

Доколку патувате со автобус, а не сте во можност да отидете до автобуската станица, за да си купите билет, сега може да го користите новиот електронски систем „Е- Автобуска“.

„Станува збор за едноставен систем кој што на патникот му овозможува пребарување, резервација и плаќање на автобуски билет за меѓуградски и меѓународни линии преку Интернет, користејќи го својот компјутер, лап топ, таблет или мобилен телефон“, рече денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

„Е-Автобуска“ му овозможува на корисникот при купувањето на својот билет да има графички увид на слободните места во самиот автобус и да го одбере посакуваното седиште.

„Покрај распоредот на линиите патникот ќе има увид и кој превозник во кој перио за бараната линија врши превоз така што согласно своите потреби и претходно искуство при користење на услугите на компаниите ќе може да одбере со кој превозник сака да патува до одредена дестинација“, појасни Јанакиески.

Предноста на овој систем е тоа што патникот од било кое место може во секој момент да го види распоредот на автобуските линии, временскиот период на поаѓање, а со самото тоа и веднаш согласно своите потреби да го купи својот билет без притоа да оди до шалтерите на автобуската станица.

„Е-Автобуска“ ќе биде унифициран систем и ќе биде поврзан со апликацијата за продажба на билети и шалтерите на автобуските станици низ земјава, што ќе им овозможи на превозниците преку порталот за одредено патување во секој момент да имаат уви во вкупниот број на билети продадени преку Интернет и на шалтерите на автобуските станици и доколку е потребно навремено да интервенираат со дополнителни возила доколку за тоа се укаже потреба или пак се преземаат други неопходни мерки.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.