„Купи куќа, купи стан“ го раздвижи бизнисот

Проектот „Купи куќа, купи стан“ го раздвижи пазарот на недвижности. Постојано се градат нови згради, особено во атрактивните скопски општини, а и побарувачката се зголемува. Според последните податоци на Народната банка, кумулативната вредност на станбените објекти изградени во периодот од 2011 – 2014 година, односно за време на реализацијата на владиниот проект, е  за цели 72,4% повисока споредено со периодот 2007 – 2010 година. Како резултат на зголемената понуда, во последниот квартал од минатата година е регистриран пад на цената на становите. Индексот на цените забележа надолна корекција од 5,3% на квартална основа и 0,6% на годишна основа. Падот на цените го признаваат и градежниците.

-Во Аеродром цените беа 1.200 евра без ДДВ, а сега становите се продаваат за 1.100 до 1.150 евра за квадрат со вклучен ДДВ“ – објаснува првиот човек на Адора, Ванчо Чифлиганец.

Градежниците имаат полни раце работа, а банкарите го следат темпото, одобруваат сè повеќе станбени кредити, со што дополнително се придвижува циклусот.

-Во поглед на побарувачката на станови, постојаниот солиден раст на станбените кредити во четвртиот квартал упатува на натамошно зајакнување на побарувачката, тренд карактеристичен за цела 2014-та година, објаснуваат од Централната банка.

Зголеменото кредитирање оди паралално со подобрувањето на условите за добивање пари од банките.

-Условите се олеснети од аспект на каматните стапки кои сега се пониски, а нема ниту дополнителни трошоци за обработка и процена. Ние бележиме раст од 12 проценти на кредитното портфолио кај населението и очекуваме дека растот ќе продолжи и годинава, објаснува Маја Палчевска од секторот за кредитирање на Шпаркасе банка.

„Купи куќа, купи стан“ на скопски Саем

„Купи куќа, купи стан“ ќе биде партнер на годинешниот Саем за градежништво, што ќе се одржи од 3-ти до 7-ми март. Сите заинтересирани ќе можат да дојдат до сопствено живеалиште по многу пониски цени, бидејќи голем дел од компаниите најавија дека ќе понудат големи попусти, и до неколку илјади евра, а кои ќе важат само за саемските денови.

Може многу да се заштеди!

Проектот „Купи куќа, купи стан“ ги поевтини станбените кредити. Се разгоре конкурентската битка меѓу банките, каматите се на историски најниско ниво, се нудат кредити под исклучително поволни услови. Банките се тркаат со атрактивни понуди, со камата до 3% во првите три години и до 7% годишна, променлива за останатиот период до отплата на кредитот. Банките за станбениот кредит повеќе не го бараат ниту надоместокот за одобрување и администрирање, и нема дополнителни трошоци за проценка на обезбедување. Според пресметките, едно семејство преку овој проект може да заштеди и до 14 илјади евра за новиот дом. Каматата за првите три години изнесува 3,95%, а за четвртата и петтата 4,44%, убедливо најниска на пазарот.

-Тоа се извонредни и досега незабележани услови на нашиот пазар. Граѓаните добро реагираа, бидејќи со намалувањето на каматите се зголеми интересот за проектот, вели вицепремиерот Ставрески.

На пример, за кредит од 50 илјади евра, месечната рата во првите три години е 302 евра, од кои 151 евро плаќаат граѓаните, а другата половина државата. Во четвртата и петтата година ратата изнесува 313 евра, сума што повторно, се дели на два. Ако се решите да купите куќа, поволностите се уште поголеми, бидејќи државата ќе ви покрие 75% од висината на ратата или од учеството.

Растат понудата и побарувачката

Прогнозите на агенциите за недвижности покажуваат дека цената на становите годинава ќе се стабилизира, а можно е и одредена нагорна корекција. Се градат нови згради, понудата е зголемена, но расте и побарувачката. Најактивно е во Аеродром, и во поглед на изградбата и во поглед на реализираните трансакции. Најскапи се становите во Центар, покажува анализата на специјализираната компанија Фортон.

-Се очекува цените да се стабилизираат, односно не се очекува да продолжи надолниот тренд, напротив, сметаме дека постепено ќе се зголемуваат цените. Точно е дека е зголемена побарувачката, зголемен е бројот на трансакции, вели директорот на Фортон, Влатко Богоевски.

Во делот на понудата најголемо е учеството на Аеродром (44%), па следуваат Карпош (24%) и Центар (18%). Аеродром е прв и во делот на продажбата со реализирани 36% од трансакциите, па следуваат Карпош и Ѓорче Петров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.