Курц: Австрија ќе го спречи влегување на емигрантите во ЕУ

Австрија планира да го искористи своето претседателство со Европската Унија во втората половина од оваа година за да го пренасочи фокусот од разместувањето на емигрантите на спречување на нивното влегување во ЕУ, изјави денеска австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Курц владее во коалиција со антиемигрантската Партија на слободата, при што Австрија е единствената во Европа која во владата има претставници на крајната десница. Тоа е резултат од минатогодишните избори на кои доминираше европската емигрантска криза.

Австрија во јули ќе го преземе шестмесечното ротирачко претседателство со Европската Унија од Бугарија.

ЕУ е длабоко поделена околу емиграцијата. Источните членки како Полска и Унгарија не сакаат да го примат својот дел од емигрантите според европскиот систем на квоти. Курц, кој е противник на емиграцијата, вети дека ќе ги искористи своите добри односи со источните членки, особено со Унгарија, за да ги приближи двете страни.

„Нашата цел е многу јасна – во Европа не само што не би требало да има спор околу распределбата на емигрантите, туку конечно е потребна промена на фокусот кон обезбедувањето на надворешните граници“, кажа Курц на конференција за новинарите, претставувајќи ги австриските приоритети за претседавањето со ЕУ.

Австрија претходно од источноевропските земји бараше да го преземат својот дел од товарот, а сега, со Курц, ја критикува расправата за квотите и бара сосема нов став.

Курц кажа дека нема смисла да се расправа околу постоечкиот систем на квоти бидејќи источните земји членки не сакаат да ги прифатат. Тој наместо тоа се зазема за систем во кој емигрантите спасени на Медитеранот би се враќале во Африка, а не би се доведувале во Европа и ветува дека целосно ќе ја сопре нелегалната емиграција.

„Самата заштита на границата нема да го реши прашањето на емиграцијата, но клучното прашање е што се случува со луѓето по нивното спасување – далис е доведуваат во централна Европа или се враќаат во земјите од кои потекнуваат или во други безбедни региони во кои може да бидат згрижени?“, кажа тој.

На прашањето какви решенија предвидува, кажа дека една од опциите е проширување на мандатот на Фронтекс, европската агенција за граници, а дека има и други, а тоа ќе зависи од преговорите со европските лидери, вклучувајќи го самитот за емиграција и безбедност на 20 септември.

Другите австриски приоритети вклучуваат промовирање на европската конкурентност и понатамошна работа на приближување на земјите од Западниот Балкан кон ЕУ, особено на Србија и Црна Гора.