Курц: Не ни е потребна Турција, Чавушоглу тврди дека ЕУ ја понижува Турција

ЕУ може да ги обезбеди сопстевените граници и не и е потребен договор со Турција за да ја сопре миграциската криза, изјави денеска австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц.

Курц, за австрискиот сајт „Фокус“ оцени дека европските лидери не треба да потклекнат под притисокот на Турција за воведување на безвизен режим, кој е ветен во март во замена за согласност од Анкара дека ќе ги прими вратените мигранти од Грција.

– Не смееме да потклекнеме под уцените и нам не ни треба резервен, туку пристоен оргинален план. Потребна ни е силна Европа која ги штити своите надворешни граници, истакна Курц.

Тој нагласи дека ЕУ треба да учи од земјите како Австралија и да бара барањата на мигрантите да се обработуваат надвор од нејзините граници поради намалување на приливот.

– Оние кои илегално ќе дојдат во Европа мораат да бидат одведени на островите на надворешните граници и да се испратат назад во центрите во безбедните трети земји, а не во централна Европа, категорично образложи Курц.

Од друга страна, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу вчера ја обвини Европската унија дека ја понижува Турција и повторно го услови исполнувањето на договорот меѓу Турција и ЕУ за миграција со визната либерализација за турските државјани.

Во интервју за германскиот весник „Билд“, што беше објавено вчера, првиот турски дипломат нагласи дека Турците се трауматизирани по обидот за преврат од 15 јули, а Европејците ја понижуваат Турција, наместо да и помогнат.

Тој изрази жалење за замрзнувањето на преговорите за пристапувањето на Турција кон ЕУ и укинувањето на визите за турските државјани.

Според Чавушоглу, Анкара вложила напори, како што многу малку од останатите земји ги вложиле за да ги исполнат условите за влез во ЕУ, но за возврат од Унијата добива само закани, навреди и целосна блокада.

– Се прашувам каков престап сме направиле? Зошто е ова непријателство?, праша турскиот министер за надворешни работи, кој минатата недела ја обвини ЕУ дека ги заострува антиевропските чувства во Турција.

„Јасно е, или ќе ги спроведуваме заедно сите договори или ќе се откажеме од нив“, одговори Чавушоглу за германскиот весник на прашањето дали Турција ќе дозволи одново стотици илјади лица да тргнат по морето кон Европа.