Курц: Високо ги цениме напорите на Македонија во мигрантската криза

Македонија дава се од себе да ја заштити границата со Грција со цел да се регулира навлегувањето на мигрантите и ние високо ги цениме овие напори.

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во интервју за МИА  оддава признание на Македонија за пристапот во регулирањето и контролирањето на мигрантската криза, и вели дека за нејзино решавање, неопходно е Европа повторно да воспостави контрола врз своите надворешни граници.

Курц, кој презема водечка улога во справување со прашањето на мигрантите и ја отвори понудата за австриска воена поддршка за Македонија во заштитата на јужната граница, додава дека пред Европа допрва се предизвиците за интегрирање на досегашниот наплив на имигранти и за справување со безбедносните ризици.

Македонија дава се од себе да ја заштити границата со Грција со цел да се регулира навлегувањето на мигрантите и ние високо ги цениме овие напори. Ние ќе направиме се што можеме за да и помогнеме на македонската Влада во оваа вонредна ситуација. Затоа Австрија испрати 20 полицицски офицери, додека нашето Министерство за одбрана во моментов ги проценува можностите и тоа да и упати помош на Македонија, изјави Курц во своето интервју за МИА.

Влијанието на Австрија, како водечка држава меѓу низата средно-европски земји кои го покренаа прашањето на обезбедување на европските граници, предизвика остри критики од страна на Грција упатени кон оваа земја, а особено кон нејзиниот препознатлив министер за надворешни работи. За МИА, Курц вели дека Австрија вложила напори да и помогне на Грција, но дека оваа земја има обврска, со европска помош, да ја обезбеди својата надворешна граница, преку која над милион мигранти досега влегоа во Европа.

Курц во Австрија е задолжен и за прашањето на интегрирање на веќе пристигнатите мигранти. За МИА, тој посочува дека задачата на државите каде мигрантите бараат азил и трајна заштита, а далеку потешка од задачата на државите низ кои тие само минуваат.

Австрија минатата година прими 90.000 барања за азил. Тоа значи дека, по глава на жител, ние сме втора европска држава по број на примени барања, зад Шведска. Дури сме пред Германија. Ние сме истовремено и дестинациска земја и транзитна земја. Верувајте ми дека е далеку поголем предизвик да се биде земја која е крајна дестинација за мигрантите! Јас не сум само министер за надворешни работи, туку и министер за интеграции, и знам што зборувам. Интегрирањето на сите баратели на азил кои дојдоа во текот на минатата година е голем предизвик за целата Влада. Мораме да им обезбедиме часови по германски јазик, да ги информираме за европските вредности, и да се погрижиме дека можат што е можно поскоро да влезат на пазарот на труд, за нивните барања за азил да можат да бидат одобрени, вели министерот Курц.