Курц: Неприфатливо е мигрантите да употребуваат сила кон македонската полиција

Неприфатливо е да се употребува сила врз македонската полиција, вели австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во ексклузивно интервју за Македонската Информативна Агенција, за состојбата со мигрантската криза на македонската граница со Грција. Зборувајќи за зачестените инциденти од страна на големите групи мигранти кои се обидуваат да навлезат во Македонија од Грција, Министерот Курц вели дека е апсурдно тоа што навлегувањето доаѓа од земја членка на Европската Унија кон Македонија, која не е членка, и додава дека границата мора да остане затворена.

„Инцидентите во кои се применува насилство против македонските безбедносни сили се сосем неприфатливи. Ние сме соочени со апсурдна ситуација во која нерегуларни мигранти користат сила за да влезат од земја членка на Европската Унија во земја која не е членка на ЕУ. Мораме да испратиме јасна порака дека политиката на пропуштање ирегуларни мигранти низ Западниот Балкан е завршена“, вели министерот Курц во интервјуто со МИА кое го пренесуваме во целост.

мигранти тепачки

Затворањето на границата засега функционира, и покрај зачестените обиди на мигрантите да се пробијат низ заштитната ограда. Притоа има и значително намалување на бројот на пристигнувања на мигранти на грчките острови. Дали ова значи дека договорот од Брисел функционира? Дали сметате дека се покажа дека и вашите барања и ставови да се обезбедат границите се покажаа како исправни и даваат резултат?

– Нашиот пристап од почетокот беше јасен – ние Европјаните мораме да имаме контрола врз безбедноста на нашата надворешна граница и самите да донесеме одлука кој смее да влезе во Европа. Минатата година повеќе од милион мигранти влегоа во Европа. Од нив, 90.000 поднесоа барања за азил во Австрија, земја со само 8,6 милиони жители. Оттаму, Австрија, според бројот на жителите, беше втората најпогодена европска држава, по Шведска. Ние моравме да сториме нешто и да ја запреме политиката на неконтролирано пропуштање на мигрантите низ западно-балканската рута. Овие мерки ги преземавме заедно со нашите партнери од регионот на конференцијата за Западниот Балкан во Виена, каде Македонија, а особено мојот пријател Никола Попоски, одиграа клучна улога.

мигранти тепачки

Повеќе десетици македонски полицајци и војници беа повредени во најновиот обид на група од неколку илјади мигранти со сила да навлезат преку заштитната ограда, а слични инциденти од помал обем се случуваат секој ден. Македонија ја повика Грција да го отстрани мигрантскиот камп, но Грција возвраќа со обвинувања околу начинот на кој Македонија ги одбива нападите. Како според вас би требало во иднина да се постапува во оваа ситуација?

Инцидентите во кои се применува насилство против македонските безбедносни сили се сосем неприфатливи. Ние сме соочени со апсурдна ситуација во која нерегуларни мигранти користат сила за да влезат од земја членка на Европската Унија во земја која не е членка на ЕУ. Мораме да испратиме јасна порака дека политиката на пропуштање ирегуларни мигранти низ Западниот Балкан е завршена. Не е возможно тие да одбираат во која земја ќе побараат азил. Европската Унија и Австрија ја поддржуваат Грција во обезбедувањето на основната грижа за бегалците. Во исто време, границите мора да останат затворени, и оттаму ние и помагаме на Македонија да ја заштити својата граница.

Австрија обезбеди значителна помош на Македонија во обезбедувањето на границата. Кои се вашите идни планови во оваа насока, сега откако Македонија де факто е дел од надворешната граница на ЕУ?

– Австрија испрати 20 полицајци и ќе обезбеди и визири за ноќно набљудување, согласно најавата на австрискиот заменик министер за одбрана при неговата неодамнешна посета.

Македонија, како земја која не е членка на ЕУ и НАТО, реагираше поради нејзиното исклучување од системите за размена на информациите за идентификување на потенцијално опасните мигранти и општо за движењето на мигрантите. Дали можеме да очекуваме Европската Унија да реши Македонија да добие полноправно место на масата, во вакви прашања кои се од витален интерес?

мигранти тепачки

– Мораме да сториме се што е можно за Македонија да ги заштити своите граници и тесно да соработуваме во борбата против шверцерите со луѓе. Во оваа насока секако дека треба да разменуваше што е можно повеќе информации. Натамошните конкретни чекори во оваа насока се во надлежност на министрите за надворешни работи.

Дали дојде до промена во начинот на размислување на европските лидери кон мигрантската криза? Дали може да се каже дека Европа го напушти концептот на отворени граници, или пак сметате дека се уште е можно да се вратиме на политиките кои доведоа до настаните во 2015 година?

– Секако дека дојде до промена, и тоа беше подвлечено на Европскиот Совет кој се одржа на 7 март, каде решивме дека пропуштањето на бегалците низ балканската рута веќе е завршено. Сега треба да сториме се што е можно за да се намали натамошниот тек на мигранти преку заштита на границите и зголемување на помошта која ја упатуваме кон нивните матични земји, од каде тие доаѓаат. Мораме да им помогнеме на земјите од Западниот Балкан, особено на Македонија, да ја држи балканската рута затворена и да бидеме максимално будни со цел да спречиме отворање на можни дополнителни рути, на пример преку Бугарија или преку Средоземјето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.