Курц повторно предлага прекин преговорите за членство на Турција во ЕУ

Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц во интервју за германскиот весник Welt am sontag вели дека Брисел треба да заземе појасен став во однос на Турција, која се повеќе се дистанцира од Европската унија.

„Мојата прогноза е дека Турција ќе се оддалечува од Европа се оствари“, вели Курц додавајќи дека ќе продолжи да се залага за прекин на преговорите за членство на Турција во Европска унија.

Шефот на австриската дипломатија вели и дека наместо да ѝ се предлага членство на Турција во ЕУ, Брисел треба да заземе појасен став кон Анкара и да се стреми единствено кон нормална соработка со неа.

„Ние не можеме да дозволиме да бидеме зависни од Турција“, потенцира Курц осудувајќи ги масовните откази и апсења во Турција по минатогодишниот неуспешен обид за воен удар.

Анкара по ланскиот 15 јули започна големи чистки против обвинетите за припадност на движењето на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен, кој живее во доброволен егзил во САД и кого турските власти го обвинуваат за создавањето паралелна власт во прв ред во правосудните, безбедносните и образовните структури, со цел да ја преземат власта, што Ѓулен го отфрла.

Во изминатата година отпуштени од работа или суспендирани се повеќе од 150.00 службеници, а притворени се околу 50.000 лица вработени во војската, полицијата, на универзитетите и другите државни служби.

Брисел повеќепати предупредуваше дека однесувањето на Анкара ја доведува во прашање нејзината посветеност за пристапување кон ЕУ. Европската комисија на почетокот во годишниот извештај за напредокот на Турција на патот кон Унијата, ги нотираше неуспесите на политиките на Анкара во сферата на граѓанското општество, човековите права и слободата на говорот. Во извештајот, исто така, беше истакнато дека турските власти не прават доволно за прилагодување на законодавството кон европските норми.

Спогодбата за асоцијација меѓу тогашната Европска заедница и Турција беше потпишана во 1963 година. Апликацијата за членство во Европската унија, Анкара ја поднесе дури во 1987 година. Пристапните преговори за членство, пак, започнаа дури во 2005 година, а повеќепати беа усложнувани поради несогласувања што доведе до нивно прекинување. Во моментов отворени се 16 од 35-те поглавја од пристапните преговори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.