Курц: Советот да се откаже од блокадата на Македонија

Продолжувањето на блокадата на отворање на пристапните преговори со Македонија поради нерешениот спор за името ги доведува веќе постигнатите резултати под знак прашалник. Долгорочно тоа би можело да го дестабилизира целиот регион, смета министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц.

Во соопштение во врска со извештајот на ЕК за напредокот на земјите од Западен Балкан Себастијан Курц, изразува задоволство од напредокот на овие земји, но бара и ЕУ повеќе да се ангажира за процесот на проширување да биде успешен.

– Во наредните години потребно ни е поголемо ангажирање на сите институции на ЕУ, но и на самите земји-членки на Унијата за да може проширувањето да води кон успех – нагласил Курц.

Тој исто така истакнал и дека земјите од Западен Балкан мора да се сконцентрираат на конкретни реформи, особено на зајакнување на владеењето на правото и да ја интензивираат борбата против корупцијата.

Во однос на пристапниот процес на Македонија, шефот на австриската дипломатија изразил разочарување поради застојот.

– Продолжувањето на блокадата на отворање на пристапните преговори со Македонија поради нерешениот спор за името ги доведува веќе постигнатите резултати под знак прашалник. Долгорочно тоа би можело да го дестабилизира целиот регион. Затоа апелирам Советот конечно да се откаже од својата блокада – вели Курц.

Во врска со скептичноста на многу Австријци во однос на понатамошно проширување на ЕУ, Курц изразува разбирање за овие сентименти, но додава дека еуверен оти од економската и политичката стабилизација на Западниот Балкан особено ќе профитира австриското стопанство.

За него, интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ има далекосежно значење.

– Имајќи ја предвид историјата на регионот, јасно е дека само со целосна интеграција на целиот регион во ЕУ може трајно да се стабилизира југоисточна Европа и во економска и во политичка смисла. На оваа политичка задача во наредните години ќе ѝ дадам приоритет – најавува Курц.