Македонија

Курц: Опозицијата да се врати во Парламентот

Курц: Опозицијата да се врати во Парламентот

Опозицијата треба да се врати во Парламентот, бидејќи таму е местото за политички дијалог, а неопходните реформи мора да продолжат, порача денеска шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи Никола Попоски, јави МИА.

Според него, Македонија има европска перспектива, но за тоа е потребно да се реши спорот за името, кој трае предолго.

– Спорот трае предолго и нерешавањето на името им штети на Европа и на двете земји. За мене е сосема нејасно зошто во овој долг период нема никакво придвижување на работите во однос на спорот. Двете држави имаат многу поважни работи за решавање, пред се прашања од економската сфера и реформите кои треба да водат до благосостојба. Австрија е подготвена да изврши притисок за да се внесе динамика во процесот, истакна Курц.

Тој додаде дека е оптимист дека по изборите во Грција ќе има поголема динамика, а Виена ќе помогне вршејќи притисок.

Во меѓувреме, според него, Македонија треба да ги продолжи реформите, а опозицијата да се врати во Собранието.

– Како партнери, имаме очекувања околу тоа како треба да се одвиваат работите. За да се може да се гарантира бизнис-клима нужни се реформи како на економски, така и на планот на правдата. Ја замолувам и опозицијата да се врати во Парламентот бидејќи тоа е местото за политички дијалог и дискурс, рече Курц.

Во однос на слободата на медиумите, шефот на австриската дипломатија истакна дека таа е важна за постигнување на жива демократија што ЕУ го бара од своите членки и од земјите аспиранти.

Подвлече дека Австрија е втор најголем инвеститор во Македонија со 437 милиони евра инвестиции во 50 претпријатија.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски истакна дека Австрија и досега го поддржувала процесот на проширување и македонската евроинтеграција, а по оваа средба е сигурен дека така ќе остане и понатаму и покрај тоа што Европа е преокупирана со проблеми од економска и безбедносна природа.

По Берлин, во Виена на 27 август ќе се одржи Конференција за Западен Балкан на чија агенда заедно со Австрија, рече Попоски, ќе работи Македонија. Посочи тој дека конференцијата ќе биде мотор за регионалната соработка и инфраструктурата.

Австрискиот министер за надворешни работи денеска во Скопје ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.