Курдите јавија за загинување на 13 турски војници во Африн

Во тек се жестоки судири меѓу Сириските демократски сили (SDF), во чии редови водечката улога ја има милицијата на сириските Курди, Единици за заштита на народот (YPG), и турската армија, објави во саботата вечерта медиумскиот центар на SDF.

„Во областа Раџа… нашите специјални единици нападнаа одреди на напаѓачите во областа на селата Кода и Балилка. Нашите сили изведоа ненадеен напад во Кода и успеаја да убијат седум турски војници со бројни ранети. Во текот на судирите во селото Балилка загинаа шест турски војници“, се наведува во соопштението на медиумскиот центар на SDF, сили кои ги вооружуваат и обучуваат САД.

Покрај тоа, се истакнува дека во реонот Џиденерс во близината на селото Дева во престрелки биле ликвидирани двајца протурски милинтатни исламисти, а судирите продолжуваат. Не се соопштува за жртвите на SDF.

Официјална Анкара засега не реагираше на овие информации. Турската војска досега потврди дека загубила десетина војници и двојно повеќе борци на сојузничките сириски милиции во операцијата „Маслиново гранче“.

Претходно во саботата турскиот генералштаб објави дека во операцијата којашто ја започна на 20-ти јануари за потиснување на курдските сили од својата граница, турските војски „неутрализирале“ вкупни 1.595 милитанти на Единиците за одбрана на народот (YPG), Работничката партија на Курдистан (PKK), Демократскиот сојуз и на џихадистичката Исламска држава.

Турските власти често го употребуваат терминот „неутрализирање“ во соопштенијата со кој се имплицира дека станува збор за милитнати кои биле заробени или се предале или, пак, биле убиени.

Покрај тоа, челници на турската армија соопштија дека во истиот период вкупно 674 „терористички цели“ се уништени во воздушните удари од почетокот на операцијата.