Курдите распишуваат референдум за државност на северот од Ирак

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и даде поддршка на курдската држава, заземајќи спротивен став од американскиот. Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изразил поддршка за курдска држава, истакнувајќи дека политичката стабилност на ирачки Курдистан е во спротивност со ситуацијата во останатите делови на Ирак.

„Треба да ги поддржиме курдските аспирации за независност. Курдите се борбен народ што ја докажа својата политичка посветеност, политичка умереност и кои заслужуваат политичка независност“ , изјавил Нетанјаху на конференција за безбедност во Тел Авив. Израелскиот лидер повика на создавање независен Курдистан како дел од широк сојуз меѓу Израел и умерените сили во регионот.

Претседателот на Регионалната курдска управа на северот од Ирак, Масуд Барзани, изјави дека во Киркук и другите проблематични региони ќе распише референдум.

Раководството во Багдад, кое со нас стапи во сојуз, беше против спроведувањето на Уставот. За жал, поради погрешната политика на Багдад и други елементи, проблемите се продлабочија и дојдовме до кризата во која се наоѓаме денес. Оние кои ја предизвикаа оваа криза треба да прифатат дека нивната политика пропадна и дека треба да се започне нов процес. Решение за кризата е промена на политиката на Багдад”, рекол Барзани, потсетувајќи дека во 2007 година требало да се распише референдум за регионите чиј статус не бил решен со Уставот, пренесоа новинските агенции.

„Регионот Курдистан не е должен да плаќа поради погрешната политика на Багдад. Поради нивната неуспешна политика, терористите стасаа до соседните граници на Курдистан, но војската на пешмергите ќе продолжи да ја брани безбедноста на народот и границите на Курдистан”, додал Барзани. Тој повторил дека Киркук е курдска земја.

Барзани ги повикал Обединетите нации да земат учество во тоа случување. Повикот го упатил за време на разговор со претставникот на ОН за Ирак, Николај Миладинов, кого го примлил во официјалната резиденција, објавила во соопштение Регионалната курдска управа во Ирак.