Курдите во Ирак предвидуваат расцеп на државата

Премиерот на автономниот ирачки курдски регион, Нехриван Барзани, изјави дека не верува Ирак да  остане единствен откако исламистичките, сунитски милитанти продолжуваат и понатаму да напредуваат пред ирачката армија и безбедносните сили кои ги напуштаат своите позиции.

 „Речиси е невозможно земјата да се врати на состојбата од пред падот на Мосул“ – рече Барзани во разговор за „Би-Би-Си“.

Тој, сепак, смета дека разните фракции сега имаат потреба, како никогаш досега, да најдат решение за тоа како да живеат заедно.

Изјавата на Барзани доаѓа по соопштението на Курдите дека тие не сакаат да им помагаат на Ирачаните во борбата со исламистите, затоа што се „длабоко разочарни од неспособноста за борба“ на ирачката армија, иако таа располага со најсовремена воена опрема.

Курдите во Ирак, кои, по соборувањето на Садам Хусеин, за прв пат имаат своја автономија, во ирачкиот дел на Курдистан, успеаја без поголем напор да го заземат градот Киркук  кој е надвор од нивниот регион. Првично тие тврдеа дека успеале да го одбранат градот од исламистите и да ги протераат од тој дел на земјата, но од тогаш не учествуваат во борбите и внимателно го следат развојот на настаните во земјата.

Странски набљудувачи оценуваат дека курдските политички лидери сега имаат многу поголеми амбиции од порано, настојувајќи да го пополнат вакумот што го прават милитантите од Исламска држава Ирак и Левант, заземајќи ги областите каде се наоѓалиштата на нафта, кои се надвор од бранетиот курдски автономен регион.

 

Во изјави за западни медиуми повеќемина Курди заговараат разделувањее на Ирак на три дела – на Курдски, сунитски и шиитски и тврдат дека така размислуваат и многу Ирачани.

 

Противниците на ваков евентуален план за ставање крај на меѓуверското насилство оценуваат дека поделбата на Ирак на три делови наместо мир, уште повеќе ќе ги засили непријателството и борбите меѓу трите заедници. Според нивното мислење, од поделбата на земјата полза ќе имаат само нафтените компании и трговците со оружје.