Курдските милитанти собориле турски хеликоптер во Сирија

Курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) соборила турски воен хеликоптер недалеку од северниот сириски град Африн, изјави во саботата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, а турската армија потврди дека притоа загинале двајца нејзини припадници.

Извори од редовите на силите на сириските Курди за агенцијата Reuters го потврдиле уривањето на турскиот воен хеликоптер.

„Еден од нашите хеликоптери пред малку е урнат. Такви работи ќе се случуваат, ни сме во војна Ние можеме да загубиме хеликоптер, но тие за тоа ќе платат“, порача турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган од собирот на членовите на неговата Партија на правото и развојот (AKP) во Истанбул.

Генералштабот на турската армија не ја прецизираше причината за падот на хеликоптерот во соопштението во коешто наведува дека притоа двајцата војници ги загубиле животите, како и дека истрагата е во тек.

Анкара започна воздушна и копнена офанзива на 20-ти јануари со помош на сириските бунтовници кои ги поддржува против курдските борци во сирискиот региона на градот Африн, со што отвори нов фронт во војната во Сирија

Урнатиот хеликоптер е првото официјално потврдено губење на турско летало над Сирија од почетокот на граѓанската војна во оваа земја од март 2011 година, откако Турција неколкупати имаше борбени интервенции.