„Курир“: Димова го кршеше законот и го злоупотреби пратеничкиот имунитет, а сега плаче и се бламира

Откако пред еден месец го кршеше законот и злоупотребувајќи го пратеничкиот имунитет сакаше со пратеничка легитимација да одбегне да плати сообраќаен прекршок, пратеничката на СДСМ Лидија Димова сега плаче и се бламира пред македонската јавност обидувајќи се преку медиумите да изврши некаков притисок, пишува „Курир“.

Порталот пишува дека Лидија Димова изгуби контакт со реалноста. Дури и пратеници од СДСМ неофицијално се срамат и оградуваат од неа и нејзините постапки. На театрална прес-конференција одржана денеска, Димова изјави дека во текот на целиот вчерашен ден дома доаѓал полицаец од сообраќајната полиција, кој ја известил дека мора да и’ врачи потпишување записници, за случајот од пред 1 месец.

Со кое право ми доаѓаат и ме вознемируваат во вечерни часови мене и семејството?! Во тоа време навечер во маалото има луѓе, како што гледате тука има и игралишта и целта е јасно, да се прави некаков филм на притисок, рече Димова денеска.

Иако на дело беше фатена како го крши законот и притоа го злоупотребува пратеничкиот мандат, Димова сега глуми жртва и се бламира пред целокупната македонска јавност за некаков притисок врз неа.

На 27-ми јуни, Димова од страна на полицијата беше сопрена во близина на Зелениот пазар додека управувала товарно возило. Униформираните полициски службеници констатирале дека Димова сторила два прекршока по Законот за сообраќај и еден прекршок по Законот за јавен ред и мир.

Ми побараа документи, ја покажав пратеничката легитимација. Ме прашаа дали се повикувам на пратеничкиот имунитет, реков ДА, изјави тогаш Димова.

Димова се повикала на пратеничкиот имунитет одбивајќи да постапи по полициските наредби да го отвори комбето за да се изврши претрес. За да се заштити од санкции Лидија Димова на помош ги повикала и хулиганите задолжени за насилство на протестите на СДСМ да испровоцираат инциденти и судири со полицијата, објавиja тогаш медиумите.

Експертите веќе коментираа дека пратеничкиот имунитет во земјата многу пати до сега е злоупотребуван од страна на пратениците во опозицијата.

Секогаш кога треба да се заштитат од сторени незаконски дејствија надвор од Собранието, пратениците на СДСМ без никаква правна основа, и без никаков срам се повикуваат на пратеничкиот имунитет, свесно злоупотребувајќи ја својата положба во системот, изјави универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска.

Таа потанцираше дека загрижува фактот колку пратеничката Димова не го познава Уставот на земјата, колку не го познава Деловникот на Собранието на РМ, колку не ја познава категоријата пратенички имунитет.

Да имаше основни познавања од овие акти ќе знаеше дека пратеничкиот имунитет не ја штити од сторените прекршоци во сообраќајот, за кои полицијата вчера инфлагранти ја фати, ниту ја штити од сторените повреди на одредбите од Законот за јавен ред и мир. Тоа што пратеничката Димова вчера се повикала на пратеничкиот имунитет, бидејќи била свесна дека направила неколку прекршоци и повреди на законите во земјата, не ја ослободува од правната одговорност како граѓанин на Република Македонија. Ако мисли дека ќе се ослободи од правната одговорност, се лаже, вели Каракамишева- Јовановска.