„Курир“: Кој функционер од СДСМ требало да исплати 100.000 евра за лажен исказ?

Кој функционер од СДСМ требало да исплати 100.000 евра за лажен исказ? Ова е главното прашање на истрагата која ќе се води наредниот период од страна на обвинителството за гонење организиран криминал против соработникот на Оливер Спасовски, кој на сведок му понудил 100.000 за да потпише невистинит исказ, пишува „Курир“.

Како што објавија медиумите, со овој лажен исказ, Специјалното јавно обвинителство требало да конструира случај против Гордана Јанкулоска.

Дали осомничениот ќе се отвори и ќе соработува со органите на прогонот останува да видиме, бидејќи навистина се наметнува дилемата на кој функционер од СДСМ ми е толку важно да се конструира овој случај па бил подготвен да плати и толкава сума на пари.

Факт е дека не сите членови на раководството на СДСМ располагаат со имот вреден стотици па и милиони евра. Познато е дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, самиот се фалеше дека тежи неколку милиони евра, а и Радмила Шеќеринска има солидни приходи со оглед на тоа што само од кирија инкасира по 5000 евра месечно. Ништо полошо не е ситуиран ниту партискиот портпарол Петре Шилегов кој има прилично богат анкетен лист со имот и уметнички слики вредни стотици илјади евра.

Сведокот веќе дал исказ во јавното обвинителство, а како што дознаваме од извори во истрагата, постојат прилично цврсти материјални докази во прилог на пријавата.

Заменик министерот Митко Чавков, во неговото неодамнешно интервју за порталот Пресс 24 изјави дека обиди преку поткуп или закани да се влијае врз сведоци и да се изнуди невистинит исказ за да се конструира случај наликуваат на работењето на УДБА во Југославија по втората светска војна.

Уште откако случајот беше пријавен, МВР во координација со надлежното јавно обвинителство ги презеде сите мерки за обезбедување на соодветни докази. Судот понатаму ќе цени во соодветна постапка дали и за што е виновен осомничениот кому на товар му се става едно исклучително сериозно дело, особено во околностите во кои се наоѓаме сега. Ваквите методи на работење не доликуваат никому. Особено не на вработени во МВР. Не смее никому да нудите поткуп, огромни суми пари за да потпише и за да застане зад лажен исказ со кој некој би бил искомпромитиран, вели Чавков.

Тој потенцира дека доколку такво однесување остане несанкционирано ќе биде доведен во прашање кредибилитетот на целокупниот систем.

Тоа беа методи на поранешната УДБА, систем кој се применуваше пред 50 години. Не доликува некој денес да се служи со такви средства. Политиката не смее да се меша во законот, вели Чавков.

Покренато обвинение

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против службено лице.  Ќе се гони вработен во МВР кој нудел 100.000 поткуп за потенцијален сведок.

По поднесена кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице вработено во МВР, а за сторено кривично дело – Незаконито влијание врз сведоци, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презеде сите потребни дејствија за утврдување на фактите во предметот. Притоа е утврдено дека постои основано сомнение дека осомничениот го сторил кривичното дело што му се става на товар, односно дека со нудење поткуп влијаел на едно лице, а со цел лицето да се појави како сведок во постапка пред суд и да даде исказ во определена насока. Денеска надлежниот обвинител, по завршување на постапка и целосно расветлување на настанот, до надлежниот Основен суд Скопје 1 – Скопје поднесе Обвинителен предлог против обвинетиот за сторено кривично дело – Незаконито влијание врз сведоци од член 368- а, ст. 1 од Кривичниот законик, ​ стои во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Ова не е единствениот сведок кој пријавил дека му било вршено притисок, примал закани и уцени од тимот на Специјалната јавна обвинителка.

Обвинителите на Јанева вршат тортура врз сведоци

Дел од тимот на Јанева како подготовка на реализацијата на сценариото на Заев отпочнал и со конкретни активности. Изминативе денови спротивно на законот стартувале со притисоци и закани кон поединци, нелегални повикувања и забрани за присуство на адвокат при сослушувањето на лицата, објавија дел од медиумите деновиве.

Но во меѓувреме, голем број на граѓани се охрабрија да го пријават незаконското работење на СЈО и поднесоа кривични пријави во кои тврдат дека обвинителите на Јанева врз нив вршеле силен притисок, им се заканувале и ги заплашувале без присуство на адвокат и без вклучени камери.

„Гледаш ли Никола Груевски што прави од државата и како не уназадува? Ти имаш фамилија, соработувај инаку ова нема тука да застане“.

На ваков начин се обраќале обвинителите подредени на Катица Јанева кон лицата повикани на разговор. Надвор од секаква процедура пропишана со закон, крајно пристрасно и политички, овластените соработници на Катица Јанева во недостаток на докази вршеле брутални притисоци за да изнудат изјави и искази кои не кореспондираат со фактичката состојба.

Спротивно на законот, членови на тимот на Катица Јанева се јавувале на приватни телефони и испраќале пораки, повикувајќи лица во ресторани или на паркинзи. На едно од повиканите лица, дури е нуден и поткуп за да даде исказ во согласност со насоките кои ги добиле од нивната претпоставена.

Ваквите незаконски дејствија, резултираа со неколку кривични пријави. Првата по службена должност против вработен во МВР заради „незаконско влијание врз сведоци“, поднесена против вработен во МВР кој имал чести контакти со тимот на Катица Јанева и Оливер Спасовски, за што е веќе покреанто обвинение.

Втората кривична пријава е поднесена против тројца обвинители од тимот на Катица Јанева, меѓу кои и кумот на Филип Медарски-адвокат на Зоран Заев, заради „малтретирање во вршење на службата“ по член 143 од Кривичниот законик.

„Спаси ја сопствената кожа“, „Не штеди никого“, „Ќе бидеш казнет со поблага казна ако соработуваш“. Ова се дел од заканите кои му биле упатувани на вработен во МВР од страна на лица од тимот на СЈО Катица Јанева, објави порталот ДЕНЕШЕН.

Според пријавата, обвинителите од тимот на Катица Јанева го терале ова лице под силна закана да даде лажен исказ, односно изјава која не е негова. Му се заканувале и го малтретирале за време на испрашувањето без адвокат, велат нашите информации.

Вработениот во МВР, во пријавата навел дека смета дека при испрашувањето, со уцените и психичкото малтретирање биле повредени неговите човекови права.

Новата “жртва“ на тимот на Јанева поминал низ вистински терор. Обвинителите на специјалната јавна обвинителка кои разговарале со него барале да им посочи со кого соработувал и притоа му вршеле силен притисок и го заплашувале.

Јанева се заканува на новинари

Наместо Катица Јанева да ги даде одговорите кои и ги должи на јавноста, таа се заканува. Јанева на сите овие обвинувања од сериозен карактер нема никаков коментар, но таа одвои време да се закани со тужба до медиумите кои ја информираат јавноста за нејзиното работење.