„Курир“: Мухамед Зекири, дијамант во круната на СДСМ – не само функција, добива и плата од партијата

Неофицијално, според огласот на партијата, Мухамед Зекири на ова работно место би требало да зема плата од преку 500 евра месечно, објави „Курир“.

Поранешниот новинар Мухамед Зекири не само функција, туку добива и плата од најголемата опозициска партија СДСМ. Фактичката состојба е дека освен што пред околу една недела беше избран за член на Извршниот и централниот одбор на СДСМ, Зекири е и вработен во партијата од Бихаќка.

Според сознанијата до кои дошол „Курир“, официјално од 09.09.2016 година, односно вчера, Зекири е вработен како советник во СДСМ. Неофицијално, според огласот на партијата, Зекири на ова работно место би требало да зема плата од преку 500 евра месечно.

Се чини дека со тоа се потврдуваат информациите дека токму Мухамед Зекири е еден од главните адути на СДСМ на овие избори и човекот од доверба на Зоран Заев. Дека е тоа така, говори и фактот што луѓе како Јани Макрадули, долгогодишен потпретседател и пратеник на СДСМ, сега се без никаков ангажман и без вработување во партијата.

jani-makraduli

Трансформацијата на Зекири од независен новинар во партиски фунционер на СДСМ траеше помалку од 48 часа. Веднаш откако преку својот ФБ преку потресен статус се збогува со новинарството, Зекири експресно стана функционер на СДСМ. Зекири е познат во пошироката јавност по тоа што ги реализираше сите интервјуа на Заев во кои тој промовираше подготвеност за секакви отстапки со ставови дека на СДСМ не му личи да глуми патриотизам.

Медиумите веќе пишуваа дека токму Зекири бил последниот предлог за 5-ти член на ад хок телото за медиуми, кој го дал лидерот на СДСМ Зоран Заев. Откако не бил усвоен, Заев одлучил овој новинар да биде награден со позиција во партијата.

Да се наградат новинарите кои претходно биле прогласувани за незавсини, не е новост за СДСМ. Уште во 2002 партијата ги вработи во државна служба сите новинари кои беа блиски до тогашното раководство. На изборите во 2011-та година СДСМ на пратеничките листи стави уште двајца „независни “ новинари од тогашната А1 телевизија, Сафет Бишевац и Ленче Николовска. Сега како партиско решение Заев ја предложи Санта Аргирова која работеше во Телма и Алфа, а почна да работи и во кабинетот на Илинка Митрева.

zekiri-fb-630x473

Поранешната новинарка на А1 телевизија, Катерина Цаневска, за својата работа во корист на СДСМ беше наградена со работно место кај единствениот градоначалник на опозицијата во скопските општини. „Независните“ новинари Роберт Поповски и Весна Трпчевска Ковачевска си добија работни функции во СДСМ веднаш штом Заев дојде на лидерското столче во партијата. Нивниот пример го следеше и Богданка Кузевска која од 24 Вести се пресели на Бихаќка.

Јавноста нема да го заборави и најголемиот скандал кога веднаш по доаѓањето на власт, СДСМ сите партиски послушници во медиумите, во 2002 година ги награди со вработување во државните институции.

Токму поради ова, во јавноста нема дилеми дека СДСМ не го интересира независно новинарство, туку купени и контролирани медиуми кои ќе пишуваат само тоа што им се диктира од Бихаќка. Тоа според познавачите е причината зошто Заев инсистираше на воведување на цензорско тело и строги санкции и затворање медиуми за искажан сопствен став и мислење.