„Курир“: Разорување на безбедносните капацитети – единствен резултат од работењето на Оливер Спасовски

Оливер Спасовски од СДСМ, како технички министер за внатрешни работи единствено нешто што успеа да направи при своето работење е разорување на безбедносните капацитети во државата, пишува „Курир“.

Само црни дамки оставија сите негови одлуки и решенија кои ги потпиша и спроведе од кабинетот. Неговите одлуки беа причина за целосен дебакл на полициската акција во кумановско каде немаше ниту еден приведен. Единствен резултат од акцијата беше вознемирување на граѓаните и огромни трошоци за ангажирање на хелихоптери, хермелини и специјални единици, пишува „Курир“.

Порталот потсетува дека Спасовски ќе биде запомнет и за незаконско приведување на единствениот Македонец градоначалник , надвор од РМ, Едмонд Темелко.  Кривичниот совет веднаш донесе одлука дека Темелко е незаконски уапсен и дека Судот не пронајде ниту една причина за одредување на мерка притвор.

Една од „акциите“ на Спасовски беше и театрално седење пред Централниот регистар во текот на целата вечер по наводна пријава дека се изнесувале документи. Ефектот од ова е еднаков на нула. Нема ниту пријава, ниту каков било доказ дека некој сакал да уништува некакви документи.  Тоа беше целосен апсурд бидејќи Централниот регистер е целосно дигитализиран.

Блиски луѓе на Спасовски веќе се на суд под обвинение дека нуделе поткуп од 100.000 евра за да обезбедат лажен исказ за специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Во Внатрешна контрола веќе се води постапка против Примислав Димовски, новопоставениот командант на мобилната Алфа единица заради тоа што незаконски издал наредба да се ослободи приведено лице.

Ова се само дел од примерите кои покажуваат како Оливер Спасовски од СДСМ со аматеризам и политикантство го разорува безбедносниот систем. Континуираните смени на професионалците и поставување на партиски послушници на нивно место, резултираа со нула заплени на наркотици, со нула пресечени меѓународни канали за трговија со дрога, со нула реализација на заплени на нелагално оружје.

Оливер Спасовски, иако имаше ограничен мандат како технички министер, тој си замисли дека добил легитимитет на избори и почна да ја реализира политиката на Зоран Заев за смена од чистачка до директор.

Спасовски со новогодишни подароци за партиските послушници

Технички назначениот министер за внатрешни работи одлучил да и ја честита новата година на неговата партиска колешка Фросина Ременски. Без никаков интерен оглас одлучил, спротивно на Законот за внатрешнио работи да го унапреди нејзиниот сопруг за цели четири позиции. Јовче Ременски од самостоен инспектор во ПС Гази Баба со 720 бода е распореден на позиција генерален советник –  инспектор во Кабинет на УБК со 1050 бода, што е незаконски скок од 4 нивоа, односно рушење на целиот систем за кариера во МВР. При тоа Ременски ниту врши исти, ниту сродни работи како што предвидува Законот.

Освен подарокот за неговата колешка, Спасовски спротивно на закон, нетранспарентно и без никаков оглас унапредил уште 10 партиски послушници.

Владата вчера донесе одлука со која се стави крај на хаосот што овие месеци го предизвика Оливер Спасовски во МВР.

Владата на Република Македонија за спроведување на изборите одлучи да бидат поништени противзаконските и еднострано донесени правни акти на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика кои се донесени во периодот од 11.11.2015 година до 07.04.2016 година. Одлучувањето на Владата е направено врз основа на Законот за Владата во законска постапка, се вели во соопштението од Владата.