„Курир“: СДСМ – СОРОС во нов обид да ги минираат преговорите и да избегаат од избори

Најголемата опозициска партија СДСМ и опозициските невладини организации кои се финансирани од Соросовата фондација во земјава се обидуваат да ги минираат преговорите и да избегаат од избори и соочување со волјата на народот, пишува „Курир“.

За опозицијата, како и што се очекуваше, прифатливо е барањето на соросвите организации за вклучување во преговорите, додека за владејачката ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека доколку овие НВО имаат политички капацитет и се разликуваат во своите ставови од СДСМ, може да формираат партија и да се појават на политичката сцена рамноправно со сите останати.

Директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски вели дека невладините под контрола на Сорос имаат идентични ставови како и СДСМ и меѓу нив постои знак на еднаквост.

Нема никакво логично образложение за нивното вклучување во преговарачкиот процес освен доколку крајната цел е разводнување на преговорите и нивна блокада. Нивните настапи беа проследени со низа апсурди. Протестираа против аболицијата, а му аплаудираа на единствениот политичар аболициран на криминал од 8 милиони евра. Апсурдно избегнаа од дебата со претставниците на невладината ГДОМ, вели Котевски.

Тој им порачува на невладините дека ако толку имаат политички капацитет и ако се разликуваат во своите ставови од СДСМ, може да формираат партија и да се појават на политичката сцена рамноправно со сите останати.

Доколку сакаат да партиципираат советодавно, ВМРО-ДПМНЕ нема потреба од советување со невладини под контрола на СДСМ, вели Котевски.

Експертската јавност коментира дека со ваквото барање на соросовите НВО се отвора прашањето дали се граѓанско здружение или политичка партија, или пак се и двете, па зависно од потребите се приклонуваат час кон едното, час кон другото.

Кога треба да аплицираат за грантови и проекти од странците се граѓанско здружение. Кога им се отвора можноста за влез во политиката и приграбување политичка функција молњевито се префрлуваат на другата страна претставувајќи се како „релевантен политички соговорник“, кој истовремено е и носител на бројни граѓански проекти!? Навистина се чудо од деца. Паметни, ем мудри да злоупотребат позиција, да манипулираат со граѓаните, да искористат сé што може да се искористи. Кога треба да се дограбаат до илјадниците евра странски грантови се претставуваат како заштитници на цивилното општество и на граѓаните (тешко нам!). Кога им замирисуваат политичките функции, веднаш се престројуваат на другата страна глумејќи големи политичари (повторно, тешко нам!). пишува универзитетската професорка Тања Каракамишева- Јовановска во последната колумна.

Таа додава дека ако се граѓанско здружение, или форма на некаков граѓански активизам, тогаш нека си останат доследни на граѓанското и нека не се мешаат во политичкото. Политиката ја водат и ја вршат политичките партии како регистрирани политички субјекти, кои имаат програма (барем оние сериозните) и статут на политичко делување, за кои избирачите избираат дали ќе бидат власт или опозиција во системот.

Граѓанските организации немаат за цел директно учество во власта. Таквите нивни барања се злоупотреба на позицијата во системот. Столчето на преговарачката маса се „заработува“ на избори. Избирачите се тие што ти даваат столче, а не странците, ниту пустата желба за власт. До столче на преговарачката маса не се стигнува преку одржување прес-конференции, па нека е и пред зградата на Делегацијата на ЕУ. До столче не се стигнува ни преку илјадници испратени писма до европските институции со кодошки текстови против сопствената земја. Не се стигнува ниту со плачење, ниту со цимолење во амбасадите, ниту со коленичење пред амбасадорите, вовлекување под панталоните и сукњите на странскиот фактор. До столче на преговарачката маса не се стигнува ниту со секојдневно вршење на молерско-фарбарски услуги во име и за сметка на туѓи интереси и есапи. Не се стигнува ниту со блуење невидена омраза и злоба кон сопственот народ, ниту со тужи-бабски церемонии, ниту со уништување и сквернавење национални споменици и обележја, со негирање на сопствената историја, традиција и идентитет, пишува Каракамишева- Јовановска.

Универзитетската професорка додава дека столчето се заработува кај граѓаните. Избирачите се единствениот фактор што те става или те вади од секоја политичка маса, па и од преговарачката.

За опозицијата очекувано ваквата идеја е прифатлива. Според СДСМ, активната улога и разбудената граѓанска свест во Македонија била нова вредност и морала да се уважи и да се почитува граѓанскиот глас.

Истовремено истакнуваме дека опозицијата се согласува граѓаните да бидат активно вклучени во преговарачкиот процес. Ќе направиме сè што е во наша моќ граѓаните да бидат директни учесници во решението на кризата. Борбата за правда, слобода и демократија продолжува. Во Македонија ќе има само слободни, фер, демократски и регуларни избори, велат од СДСМ за Плусинфо.