Курир: Со години СДСМ ја кодоши Македонија

Опозициската СДСМ веќе подолг период своите посети и активности во странство ги користи за своите партиски активности, но и како да ја прикаже Македонија во најлошо светло, пишува порталот Курир.

Според политичките аналитичари опозициската партија во неколку наврати изминативе години преку своето раководство се обидува колку што може повеќе да ја оцрни сопствената држава пред делегациите со кои се среќава во странство, а последен ваков пример е посетата на заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шеќеринска во Франција.

При својата посета во Франција на средбата со првиот секретар на Социјалистичката партија, Жан Кристоф Камбаделис, кој вооедно има грчко потекло, не ја пропуштила приликата за да ги пренесе партиските согледувања на состојбите во Македонија.

Во партиското соопштение на СДСМ за посетата на Шекеринска во Франција, никаде не беше нотирано дека заменик претседателот на СДСМ лобирала за побрз влез на Македонија во ЕУ и НАТО, за вреднување на позитивните препораки од Извештајот на ЕК за Македонија и почитување на пресудата во корист на Македонија од судот Хаг.

Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ вчера преку соопштение ги обвинија Радмила Шекеринска и СДСМ дека спроведуваат политики што нанесуваат штета и  обидуваат со вакви и слични кодошења да им помагаат на оние кои и го попречуваат европскиот пат на Македонија.

Вакви посети за оцрнувања на Македонија изминатиов период имаа и поголемиот дел од раководството на СДСМ во неколку земји во Европа.

За време на Божиќните празници оваа година, претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со заменик претседателот Радмила Шекеринска беа на средба со евро комесарот Штефан Филе во Брисел. И оваа прилика раководство на СДСМ не заборави да ја искористи за деградирање на Македонија пред самата Европска унија.

По завршувањето на оваа средба во Брисел, интересен беше фактот што претседателот на СДСМ, Заев заедно со заменик претседателот на партијата Шекеринска ги одбегнаа новинарите и дописниците и не дадоа никаква изјава за нив. Тие преку партискиот јутјуб канал испратија изјава од Заев кој сами си ја снимиле без присуство на новинари.

Уште една ваква средба на Заев и Шекеринска, која исто така се одржа во Брисел ова лето, како што тогаш пренесуваа медиумите беа повикани на рапорт во Брисел за бојкотот на СДСМ после парламентарните избори. Како и претходниот пат при посетата во Брисел, и овој пат најтесното раководство на СДСМ ги одбегна да одговори на новинарски прашања од дописниците од Брисел.

Функционерите на СДСМ ги користеа и своите посети на одредени земји повторно да ги промовираат своите партиски ставови, наместо да лобираат за својата земја за побрзи евроатлански интеграции кои се во интерес на нивниот народ. Така, во септември 2013 година Радмила Шекеринска беше во дводневна работна посета на Холандија и повторно истата посета беше употребена за девалвирање на напредокот кој Македонија го постигнува на својот европски пат.

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски во мај 2014 година беше во посета на Шведска и оствари средби со шведската Социјалдемократска партија. СДСМ информираа дека средбата ја искористиле за објаснување на актуелната ситуација во Република Македонијаи биле разменети мислења на кој начин би можело да се помогне за враќање на демократијата во Македонија. На оваа средба не станало ниту збор за лобирање за побрзо отпочнување на преговорите за полноправно членство на Македонија во ЕУ.

СДСМ ваквите средби исклучиво ги користи за партиски цели, без притоа да ги застапува интерсите на својот народ и својата држава. Оцрнувањето на македонската демократија и девалвирањето на напредокот кој го имаме како земја, само им помага на оние субјекти кои го кочат евроинтегративниот напредок на Македонија. Ова според познавачите е крајно неодговорно и несериозно однесување на опозициска партија, кое не е видено од ниту една друга опозиција.