Македонија

„Курир“: Спасовски пред камери ги фали, а не сака да им потпише решенија за вработување

„Курир“: Спасовски пред камери ги фали, а не сака да им потпише решенија за вработување
„Курир“: Спасовски пред камери ги фали, а не сака да им потпише решенија за вработување
И покрај тоа што ги поминаа сите фази на психо-физички обуки 440 кандидати за полицајци се уште чекаат на потписот на министерот Оливер Спасовски. Додека пред камери ги фали, од друга страна Спасовски не сака да им потпише решенија за вработување, пишува „Курир“.

Уште во 2015 , кога МВР беше раководено од ВМРО ДПМНЕ беа обезбедени средства и отпочна сериозна и ригорозна фаза на селекција на кандидати за полицајци. 440 од најподготвените ги поминаа сите фази на физички и психолошки проверки .  Најподготвените 440 кандидати кои ги минаа контролите со најдобар успех, ја отпочнаа едногодишната обука после која 400 најдобри требаа да влезат во МВР.

СДСМ тогаш излезе со критики за подмладувањето на полицискиот кадар . Од тогаш наваму, со промената во врвот на министерството , 400 млади полицајци кои со највисоки оценки ја поминаа обуката на терен и во училница , останаа цела година да чекаат на потписот на Спасовски .

Само заради медиумско внимание Оливер Спасовски се појави да ги поздрави откако цела година учеа и спиеја во Центарот за обука во Идризово. Цела година момчињата и девојките се посветија на обуката и не придонесуваа во нивните семејства кои и не се најдобро финансиски ситуирани, само заради нивната желба и сон да ја облечат полициската униформа и да станат дел од македонската полиција.  Ова е хипокризијата на Спасовски кој само заради медиумско внимание, пред камерите им делеше комплименти на кандидатите за полициски службеници кои ја поминаа обуката.

За вработување на овие 400 кандидати веќе има финансиска согласност со евидентен број од Министерството за финансии: 18 – 1611/2 од 04. 04. 2016-та година, а приемниот број од МВР е 13.3 – 13456/2 од 05. 04. 2016. Веќе наредниот ден, на 06. 04. 2016 (среда) Договорите за вработување на полицајците се однесени на потпис кај техничкиот Спасовски и се уште се кај него.

-Курсот го завршив успешно, добив и сертификат за завршен курс, но договор за работа се уште немам добиено и не знам зошто е тоа така. Немам добиено никакво образложение, што се случува не знам. Сигурно си наоѓаат некои партиски замерки, меѓу себе партиите, а ние само си чекаме, фактички сме извисени. Ништо не работам во моментов, живеам од мајка ми и татко ми, се уште зависам од нив и се надевам, вели 25 годишен кандидат.

-И покрај тоа што завршивме обука во центарот за обука на 5 март, не потпишавме договор за вработување, од засега неразјаснети причини. Веќе повеќе од два месеци чекаме за договорот за вработување. Никој не ни се јавил за никакво образложение, најверојатно, неофицијално образложение е политичкава криза, но тоа не е изговор бидејќи одобрени се финансиски средства и се чека само потпис од МВР. Ние сме четиричлено семејство кое се занимава со земјоделство и во семејството само еден е вработен. Јас сум и студент на правен факултет и останува само да чекам повик, изјави друг кандидат.

Во моментов полицијата е растргната на повеќе фронтови. На јужната граница со мигрантите, а низ Скопје и градовите со насилни протести во кои полициските службеници беа напаѓани и навредувани.

По прашањето веќе се изјасни македонскиот полициски синдикат. Од таму побараа итно вработување на новите полициски службеници.